Дијалог во Брисел: Неуспехот не е изненадување

Дијалог во Брисел: Неуспехот не е изненадување

Сѐ уште нема приближување на ставовите на Србија и на Косово, дијалогот со посредство на ЕУ останува неуспешен. Тоа не е изненадување, оценува во својот извештај од Брисел германскиот јавен сервис АРД.

„Мала, оскудно опремена конференциска сала, вода, лимонада и неколку лепчиња на масата. Поедноставно не може. А, може и вака да се каже: мрачната рамка за кризниот состанок е во согласност со нејзиниот слаб резултат.“

Така известувачот за германскиот јавен сервис АРД ја опиша првата рунда од дијалогот меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Косово, Албин Курти, во Брисел, со посредство на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, и специјалниот пратеник, Мирослав Лајчак.

„За жал, денеска не постигнавме договор, многу ми е жал“, изјави Борел синоќа по состанокот.

Улогата на НАТО

„Тоа не е изненадување“, оценува АРД и потсетува дека Белград и Приштина меѓусебно се обвинуваат за провокации и сметаат дека другиот е одговорен за неодамнешните тензии. „Атмосферата на почетокот на состанокот беше согласно со тоа – ладна. Србинот Александар Вучиќ и неговиот косовски колега Албин Курти седеа еден спроти друг не гледаајќи се во лице, туку ги прелистуваа документите пред себе – барем додека во салата беа камерите.“

АРД ја објаснува позадината на конфликтот, како и случувањата од први август и потсетува дека, под притисок на САД и на ЕУ, „контроверзните планови“ се одложени за еден месец.

Експлозивната ситуација на северот на Косово го привлекува вниманието и на НАТО, пренесува АРД и потсетува дека генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, најави дека меѓународните безбедносни сили КФОР ќе интервенираат доколку бидат загрозени мирот и стабилноста во регионот.

„Сѐ уште има време до 1 септември. Не се откажувам“, рече вчера во Брисел шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел. „Двајцата лидери се согласија оти процесот треба да продолжи и да се продолжи со разговорите во наредните денови.“

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Самит за Планот на ЕУ за раст за Западен Балкан

Самит за Планот на ЕУ за раст за Западен Балкан

На самитот во Котор под слоганот „Еден регион, заедничка визија“ , лидерите на земјите од …