Откако контроверзниот бизнисмен Орце Камчев вчера се најде на „црната листа“ на САД, американската амбасадорка Ангела Агелер, искажа цврста определба дека корупцијата не треба да остане неказнета и дека сега судбината е во рацете на македонските институции.Агелер ја оцени злоупотребата на власта, перењето пари и корупцијата на Орце Камчев како предавство на народот. Таа ја нагласи потребата од доверливи институции кои ќе можат да ги надминат предизвиците на земјата и да го отворат патот за интеграција во ЕУ.
Амбасадорката истакна дека Вашингтон не упаѓа и не апси во земјава и дека таквата привилегија и законска можност е исклучиво на обвинителстовто и судовите во земјава кои ги охрабри да продолжат да истражуваат за да можат и САД и ЕУ полесно да даваат поддршка во борбата против корупцијата и криминалот.
„На надлежните за спроведување на законите, на правосудството, на останатите владини претставници е да преземат натамошни активности и тоа е до нив и нивните одлуки треба да се базираат на законите во Северна Македонија“, рече Агелер.Неодамна, САД ги ставија на црната листа струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, Орце Камчев и компанијата „Ситрокс“.
Ангела Агелер појасни дека овие акции не биле политички мотивирани.
Што се однесува до идната „црна листа“, Агелер речедека ќе се проширува, но не откри конкретните поединци или организации.
„Ова е процес кој сè уште трае и не можам да кажам кој е следен, бидејќи буквално и јас не знам. Процесот се води во Вашингтон, во министерствата за финансии, трговија и многу е прецизен, внимателен законски процес кој се води за да се осигура дека постојат докази за да се потврди оваа номинација. Ова е многу сериозна номинација која ја води министерството за финансии и се однесува на многу широка финансиска и сопственичка импликација за поединците кои се на листата. И ова не е нешто едноставно, туку се прави многу внимателно и опсежно, и ќе кажам дека за некое време ние овде во комуникација со претпоставени во Вашингтон кои работат на оваа проблематика ќе соопштиме за други индивидуи и организации кои се разгледуваат“, рече Агелер.
САД го наведоа македонскиот бизнисмен Орце Камчев како закана за Западен Балкан поради корупција. Следствено, сите средства и интереси во имотите на Камчев во Соединетите Држави, во сопственост или контролирани од американски поединци, ќе бидат замрзнати и пријавени до Министерството за финансии на САД. Истовремено, Стејт Департментот му забрани влез на бизнисменот во САД.