Анџела Прајс Агелер потврдена за нова амбасадорка на САД во Скопје

Анџела Прајс Агелер потврдена за нова амбасадорка на САД во Скопје

Анџела Прајс Агелер е потврдена за нова амбасадорка на САД во Северна Македонија, објави на Твитер демократското мнозинство во Сенатот.

Минатата недела, Сенатската комисија за надворешни работи имаше сослушување за нејзината номинација, на кое таа рече дека „ќе работам да ѝ помогнам на Северна Македонија да развие национална стратегија со која ефективно ќе се бара одговорност од корумпираните актери“.

„САД и Северна Македонија имаат многу заеднички приоритети, вклучувајќи ги борбата против корупцијата, подобрување на владеењето на правото и зајакнување на доброто владеење. Доколку бидам потврдена, ќе ги охрабрам судските реформи и ќе ги повикам институциите на Северна Македонија да промовираат транспарентност во истрагата на наводите за злоупотреба и одлучно да се спротивстават на корупцијата за да ја зајакнат довербата на јавноста во владеењето. Ќе работам со меѓуагенциските партнери за да ѝ помогнам на Северна Македонија да развие национална стратегија која ефективно ќе бара одговорност од корумпираните актери. Доколку бидам потврдена, ќе работам на поддршка на економската иднина на Северна Македонија преку политики за зајакнување на нејзината инвестициска клима, зајакнување на инфраструктурата, подобрување на енергијата, различноста и безбедноста, и на градење отпор на малигни надворешни влијанија, вклучително и од Русија и Кина“, рече тогаш Агелер, истакнувајќи ги приоритетите на најзината работа доколку биде потврдена за нова амбасадорка во Северна Македонија.

Агелер, исто така, рече дека САД ја поддржуваат Северна Македонија во нејзината долготрајна цел за пристапување во ЕУ.

„Ние цврсто стоиме зад процесот на проширување на ЕУ затоа што го унапреди демократскиот развој и промовираше мир, стабилност и просперитет на европскиот континент, градејќи посилни стратешки партнери за САД. Северна Македонија ги надмина тешките предизвици и направи тешки избори да направи историски чекори напред на нејзиниот пристапен пат. Доколку бидам потврдена, ќе се надоврзам на овие успеси за да го обезбедам тој пат напред“, рече таа.

На прашањето од сенаторот Бен Кардин, што ќе преземе во однос на енергетската ситуација и предизвиците со владеење на правото во Северна Македонија, Агелер рече:

„Двете се критично важни во моментов, особено ако го земеме фактот дека пред само 12 дена, Парламентот на Северна Македонија ги усвои потребните предлози за почеток на пристапувањето во ЕУ за прифаќање на францускиот предлог за тоа пристапување. Најпрво, вие сте апсолутно во право за енергетската криза. Северна Македонија е на работ да прогласи енергетска криза од август поради нивната зависност во голема мера од рускиот гас“.

Според неа, САД и Северна Македонија треба да продолжат тесно да соработуваат во одговорот на заканите за безбедноста и меѓународниот поредок, по инвазијата на Русија на Украина.

„Итноста на овој момент ја нагласува важноста од подлабока политичка, економска, културна, безбедносна соработка и врски меѓу луѓето со Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан додека тие работат на остварување на нивните стратешки цели за европска интеграција“, изјави таа.

Агелер претходно има работено на разни функции во Стејт департментот, меѓу кои и во Американската амбасада во Скопје, задолжена за односи со јавност.

Таа доаѓа на местото на Кејт Брнз, која ја извршува функцијата амбасадорка на САД во Скопје од 2019 година.

Извор: Глас на Америка

Прочитајте повеќе

израел хамас газа

Обединетите нации бараат истрага по откривање на масовни гробници во болниците во Газа

Полковникот Јамен Абу Сулејман, директор за цивилна одбрана во Кан Јунис, тврди дека некои од …