Ангелите на ДУИ не веруваат во домашни истраги

Ангелите на ДУИ не веруваат во домашни истраги

Повикот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за истрага на сите функционери на партијата, за антикорупционерите е фрлање прав во очи на јавноста. Поранешниот обвинител Наков смета дека е огромно влијанието на ДУИ во правосудството и не очекува некаква акција на институциите за започнат таков еден процес.

Земјоделско земјиште во Албанија вредно 30.000 долари, куќа во Зајас која чини 100.000 долари, автомобил Фолксфаген од 7000 евра и 12.332 евра на сметка. Ова е имотот кој лидерот на ДУИ, Али Ахмети последно го пријавил во Државната комисија за спречување на корупцијата на 2 септември 2020 година, по изборот на функцијата пратеник во Собранието. Од поднесувањето на анкетниот лист до денес, Ахмети нема пријавено промени во имотната состојба, велат од ДКСК.

Дури и овој имот на Али Ахмети би можел да се најде „под лупа“ на истражните органи, доколку одлучат да се одѕват на неговиот повик за истрага за 20-годишното функционирање во општествено – политичкото делување на ДУИ во Северна Македонија. Лидерот на партијата Ахмети, прв се стави прв на листата, спремен токму од него да започне таквиот процес.

„Не можеме да станеме партија, обвинители и истражители и да одговараме на секоја клевета, ниту да работиме на откривање на вистината, тоа им припаѓа на органите на правдата“, изјави вчера Ахмети, велејќи дека интегративниците не се ангели и бара меѓународни експерти кои ќе дадат кредибилност во борба против корупцијата.

Повикот на Ахмети за негова лична истрага, но, и за функционерите на ДУИ, доаѓа по аферата за купопродажбата на деловниот центар „Соравија“, последниот од низата бизниси во кои се вклучени лица од блиското опкружување на Али Ахмети. Поранешната антикорупционерка, Вања Михајлова, во изјава за медиумите излезе со сомнежи за корупција и трговија со влијание на моќни личности од политиката – поради начинот на продавањето и купувањето на „Соравија“, каде еден од новите косопственици е Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети.

„Сомневањата за легалност на постапката и средствата со кои млад човек кој „случајно„ е внук на Али Ахмети, успеа без сопствени средства (дури и да ги има, потребно е да се испита потеклото на парите) успева да купи таков капитален објект во строгиот центар на градот, уште повеќе ја потенцира потребата од вклучување на сите надлежни институции, особено и поради фактот што истиот „бизнисмен“, изјави Михајлова за медиумот „Локално“.

Трговија со влијание и влијанието на ДУИ

Судство кое е подложно на политички притисоци и трговија со влијание при избор на судии и политички влијанија при донесување одлуки. Вакви се обвинувањата во последните неколку години за корупција во правосудниот систем. Во последно време, позачестени, но, и пожестоки се критиките за состојбата во правосудството доаѓаат и од домашните критичари, но, и од амбасадори, дипломати и меѓународни институции.

Во текот на вчерашниот ден, таков прекор дојде од Стејт департментот, порачувајќи дека лидерите во Северна Македонија мора да го ограничат политичкото мешање во судството.

„Лидерите на Северна Македонија мора да покажат силни, опипливи резултати во борбата против корупцијата, преку зајакнување на институционалната независност и ограничување на политичкото мешање, особено во судството, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во владата“, пишува во одговорот на Стејт департментот за „Гласот на Америка“.

Во последните години, изборот на судии во скопска Апелација, сомнежите за изборот на Ислам Абази, новиот шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, јавните обвинувања за трговија со влијание во Судскиот совет, се само дел од случаите во кои политичката партија ДУИ беше обвинувана за ставање на своја рака врз судството и обвинителството.

За поранешниот обвинител и адвокат, Александар Наков, токму влијанието на Али Ахмети како личност и претседател на партија има огромно влијание врз именување и поставување на позиции, но, подоцна и во нивното спроведување на правото и правдата.

„Лично не сум убеден да отпочне некаков таков процес, тоа е фрлање прав во очи кај народот, демек проверете кај нас се е чисто. Тоа е неговиот настап. А да е така, не е така. Ситуацијата во политиката ни е таква, сметам дека нема шанса да дојдеме до одредени резултати посебно од луѓето кои ги обавуваат функциите. Огромно е влијанието на Републичкиот јавен обвинител. Но, по мое длабоко убедување сегашниот ниту има капацитет да се справи со едно такво здружение јас би го нарекол, кое делува во делот на правдата.. Апсолутно стои дека луѓето кои ги поставуваш ќе вршат одредени работи кои претставуваат негово влијание врз нив“, смета Наков, потенцирајќи дека го поддржува ставот за генерален резибор на судии и јавни обвинители, доколку државата биде подготвена да се справи со криминалот“, смета Наков.

Инфографика - Колку имот пријавил Али Ахмети во ДКСК
Инфографика – Колку имот пријавил Али Ахмети во ДКСК

Расте имотот на семејството Ахмети

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети е оската околу која ротираат аферите поврзани со бизнисите на неговото потесно, но, и пошироко семејно опкружување.

Неговиот син, Шкумбин Ахмети е еден од тројцата сопственици на компанијата „Хелиос Плант“, заедно со браќата Дрин и Бесиан Ахмети, внуци на лидерот на ДУИ. За Бесиан Ахмети, ВМРО-ДПМНЕ објави дека пред три месеци е именуван за прв секретар во македонската амбасада во Брисел.

Во последните последните осум месеци, Шкумбин Ахмети влезе во секторот енергетика, отворајќи две нови компании за производство на електрична енергија. Првата е компанијата „Тхеас Енергу ДООЕЛ“, а другата „Мега Повер ДОО Скопје“, регистрирана со адреса во скопската населба Бардовци, компанија во која е косопственик со екс странски советник во Владата на ВМРО – ДПМНЕ.

На свои 24 години и внукот на Ахмети, Дрин има неколку бизниси. Покрај купувањето на „Соравија“ преку компанијата „Тор индустрис“, Дрин Ахмети преку друга негова компанија, „Еверест ЏД“ поседува и активна концесија за експлоатација на варовник во Зајас.

Од Државната комисија за спречување на корупцијата велат дека досега немаат спроведено постапка за проверка на вистинитоста на податоците кои Али Ахмети ги навел во анкетниот лист. На прашањето дали планираат да вршат проверка на неговиот имот, рекоа дека дополнително ќе одлучуваат за ваквиот чекор.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Италијанските супермаркети „Конад“ влегуваат на македонскиот и црногорскиот пазар

Италијанските супермаркети „Конад“ влегуваат на македонскиот и црногорскиот пазар

Според анализите се очекува отворањето на супермаркетите „Конад“ да придонесе во отворање на нови работни …