Инјекцијата од 28 милиони евра преку домашната платежна картичка, односно преку зголемувањето на проватната потрошувачка за краток период насочена кон домашните производи ќе го амортизира економскиот пад. Во третиот квартал, согласно симулациите направени од Министерството за финансии, благодарение на домашната платежна картичка економскиот резултат ќе биде подобар за 0,7 до 0,9 процентни поени, вели во гостување во „Бизнис поенти“ на ТВ Алфа министерката за финансии Нина Ангеловска.
-Ако погледнеме во третиот квартал, согласно проектираниот пад на БДП од 3,4% на годишно ниво во основното сценарио, во третиот квартал зборуваме за проектиран пад од 2,7%. Со направена симулација – ако овие 28 милиони евра се влеат во економијата, точно како што е наменето во тие сектори за домашни производи и услуги, ние може да го ублажиме падот од 0,7 до 0,9 процентни поени – вели Ангеловска.
Министерката посочува дека земјата се соочува со најголемата економска криза после Големата депресија наваму и дека целта на ваквата мерка, со оглед дека приватната потрошувачка учествува со 65% во бруто домашниот производ е да се стимулира економската активност.
-Сите земји преземаат мерки за поттикнување и стимулирање на приватната потрошувачка во фаза на реотварање на економијата и враќање на довербата на граѓаните во – тоа се објекти кои беа затворени, кои немаа никаква економска активност и овие земји на свој начин ја спроведуваат мерката за давање на поддршка на граѓаните за зголемување на потрошувачката,може да ги погледнете Австрија, Словенија, Кина, Америка, најразлични примери, кои имплементирале вакви мерки на свој начин – вели Ангеловска.