Пишува: Зоран Милошески

На матичната сцена во театарот „Војдан Чернодрински“, ансамблот на прилепскиот театар утревечер, петок 17-ти мај, премиерно ќе ја изведе претставата „Арапска ноќ“, на авторот Роланд Шимелфениг, а во режија на Зоја Бузалковска.

„Арапска ноќ“ е современа приказна за една чудна ноќ на станарите на еден станбен блок, во зграда иста како илјадници други, приказна која го прикажува нивното магично отклонување од механизмот на секојдневието. Претставата се состои од 5 монолози, кои се вешто испреплетени во една комплексна целина. Како што вели режисерката Зоја Бузалковска, и покрај големата динамичност, оваа драма води во престава за осаменоста и за потребата да се преспие сопствениот живот, да се сонува и да се замени реалноста со фикцијата, за да се преспие ноќта.

Бузалковска, која во прилепскиот театар се враќа по пауза од 8 години, вели дека бил трновит патот за да се стигне до премиерата.

„Се работи за еден текст кој што одамна сакав да го поставам. Некои текстови кога ги мислиш, ги мислиш за одредено место, одреден театар, за одредена екипа и навистина мислам дека прилепскиот театар е подготвен на авантури, на театарски експерименти во некоја смисла на зборот, на посмел од во она што ќе се прави. Тука не мислам само на раководството, туку мислам на подготвеноста на актерите да влезат во секоја нова авантура. Кога е во прашање оваа претстава, се работи за еден специфичен автор, специфичен израз, кој пишува во стил кој е нетипичен дури и во современата драматургија. Пишува дијалог, пишува и раскажување во трето лице, пишува и внатрешен монолог, но сосема поинаку од авторите како Чехов, Стринберг или Ибзен, така што практично раскажувањето ја движи приказната“, истакнува Бузалковска.

Еден од петмината актери во претставата е Димитар Ѓорѓиевски, кој вели дека е радосен што повторно ја имаат можноста да соработуваат со режисерката Бузалковска, особено што во случајов станува збор за специфичен текст.

„Зоја Бузалковска е режисер кој сака да експериментира и нас ни е предизвик да работиме со неа. Мислам дека дури и стопати да работиме заедно, во секој проект има некој нов пристап. Најдовме форма заедно со музичарите, сите актери и феноменалната сценографија која исто така работи многу за нас, најдовме израз кој е возбудлив. Интересно е да седиме на маса и да кажуваме текст, и тоа не е лошо, но ова е нешто за кое никогаш не си сигурен дали ќе префрли на публика или нема да префрли. Беше интересен процес, со долги и напорни проби на моменти, ама сепак беше многу интересно. Како игра во градинка која не ти здосадува, ама те изморува“, нагласува Ѓорѓиевски.

Менче Караџоска, в.д. директорка на НУЦК „Марко Цепенков“ вели дека ова е првиот од четирите проекти кои ќе бидат реазлизирани во 2019 година.

„Ова е наш прв проект за оваа 2019 година, прв од предложените и одобрени од Министерството за култура 4 проекти. Паралелно со подготовките на ‘Арапска ноќ’ започнаа и подготовките за втората претстава ‘Семејни приказни’. Пробите за оваа претстава се во тек, јас се надевам дека премиерата ќе ја имаме на почетокот на јуни. Останатите два проекта, ‘Господа Глембаеви’ и ‘Лажговци’, ќе бидат реализирани во втората половина на оваа година“, изјави Караџоска.

Во претставата играат актерите Игор Трпчески, Даниела Иваноска, Ангела Наумоска, Александар Степанулески, Димитар Ѓорѓиевски и групата Фолтин, која воедно е и автор на музиката. Сценографијата и костимите се на Јулијана Војкова-Најман, а драматургијата на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.