Деталите за мозаикот, кој се наѕира во една од просториите и е поставен како централно правоаголно поле, археолозите ќе ги откријат деновиве
Археолозите откриваат нов мозаик во најрепрезентативниот објект, Теодосијанската палата во археолошкиот локалитет „Стоби“. Оваа палата е една од најголемите и најлуксузно декорирани градби што се откриени во овој антички град. Од Националната установа Стоби информираат дека деталите за мозаикот, кој се наѕира во една од просториите и е поставен како централно правоаголно поле, ќе ги откријат деновиве. Ова е нов неоткриен бисер на античкиот град кој е културно наследство и локалитет од особено национално значење.
„Откритието е резултат на заштитно-археолошките истражувања кои се во функција на конзервација на Теодосијанската палата, за чија конзервација Стоби, во соработка со Фондацијата „Балканско наследство“ од Бугарија, доби грант од прочуената амириканска филантропска организација „Каплан фонд“. Ова се резултати на еднодецениска соработка на Стоби со овие фондации“, рече министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска која го посети локалитетот.
Во рамките на грантот од „Каплан фонд“ во вредност од 300.000 долари за конзервација на Теодосијанската палата во Стоби, годинава се изработуваше основен конзерваторски проект за архитектурата, како и основен конзерваторски проект за мозаичните подови на овој луксузно декориран резиденцијален објект.
„Проектот е еден од првите чекори на имплементација на мастер-планот за конзервација на Стоби, изработен во периодот меѓу 2019 и 2021, исто така, во соработка со „Балканско наследство“, поддржан од „Ј. М. Каплан фонд“ од САД. Проектот за Теодосијанската палата ќе ги следи насоките од Мастер-планот за конзервација на Стоби. Во него ќе бидат вклучени конзервација и реконзервација на архитектонските остатоци, во соработка со меѓународен тим од експерти предводени од Џон Стјуарт и Греам Абри од Велика Британија“, рече Спасе Перовски, директор на НУ Стоби.
Тој додаде дека меѓународните експерти, исто така, ќе бидат задолжени за едукација на експерти (конзерватори, археолози и менаџери на културно наследство) од Северна Македонија и од регионот, а ќе биде издаден и прирачник којшто ќе вклучува препораки и насоки за понатамошно одржување на археолошкиот локалитет „Стоби“.