АРМ и САД во „градежна офанзива“ на Криволак, полигонот ќе се подготвува за пролетната вежба „Одлучен удар 21“

АРМ и САД во „градежна офанзива“ на Криволак, полигонот ќе се подготвува за пролетната вежба „Одлучен удар 21“

Амбициозен план за развој на Армискиот полигон „Криволак“ во соработка со САД најави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, која со американската амбасадорка Кејт Брнз го посети полигонот. Македонски и американски инжинериски единици во март ќе почнат интензивно уредување на Криволак во пресрет на пролетната вежба „Одлучен удар 21“, на која ќе учествуваат повеќе од 1.200 македонски, околу 700 американски, како и војници од Бугарија и Грција.

„Денеска имавме прилика од нашите и американските претставници да чуеме навистина многу амбициозен план не само за оваа година, туку и за потенцијалните вежби во 2022 година, но и за следните неколку години, во кои само од страна на САД ќе обезбедиме финансирање и поддршка на 5 проекти, со кои различни точки на Криволак ќе ги намениме за конкретно воено извежбување. Со тоа ќе бидеме и конкурентни, со тоа ќе можеме да придонесеме, со тоа на некој начин ќе можеме дури да обезбедиме и финансиска надокнада, бидејќи еден дел од сојузниците бараат вакви места каде што овие вежби се возможни, каде што ќе имате доволно голем простор“, изјави Шекеринска.

Меѓу петте проекти кои ќе ги финансираат САД се и две стрелишта за оклопни возила, од кои едното со подвижни мети, и други инфраструктурни унапредувања на капацитетите на полигонот.

На средината на март, најави Шекеринска, на Криволак ќе пристигнат околу 275 припадници на 15. Инжинериски батаљон на Армијата на САД во Европа, кои со нивните македонски колеги интензивно ќе го подготвуваат полигонот за претстојната вежба. Меѓу подготовките е и надградување на патот што минатата година го пробија македонските инженерци, кој сега ќе биде подготвен за сообраќај на тешки оклопни возила.

„Со САД и нивните вооружени сили заедно го планираме развојот на Криволак, заедно работиме на развојот на Криволак, а веќе оваа пролет ќе продолжиме заеднички и да го користиме, како еден феноменален не само локален, национален капацитет, туку пред се како НАТО капацитет. Оваа и следната недела се две недели кои ќе покажат на кои се различни начини соработуваме со нашиот стратешки партнер и во подготовки, и во реализација, и во заедничка борбена готовност, и тоа зборува и за длабоките, долги политички и одбранбени односи кои што ги имаме со САД“, рече Шекеринска.

АРМ и американските вооружени сили, кои имаат и богата заедничка борбена историја, имаат и богата историја на заеднички вежби на Криволак.

„Секоја американска единица која што имала можност да вежба на Криволак имаа само пофални зборови за просторот и неговиот потенцијал и за можностите за изведување реалистични и ефективни борбени извежбувања. Армискиот полигон Криволак е навистина уникатен капацитет за Северна Македонија. Многу сме задоволни од вашите инвестиции во полигонот, од пристапот кон идните активности и вежби, и тоа е една од причините зошто и ние инвестираме во развојот на полигонот“, изјави амбасадорката Брнз, која нагласи дека отсекогаш била импресионирана од експертизата и професионалноста на македонските војници и ги пофали плановите за развој на полигонот.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Поентата што сака да ја постигне противничката партија е дека Пендаровски, всушност, не е човек …