Берово доби мерна станица и го сруши митот за чист планински воздух во градот

Берово доби мерна станица и го сруши митот за чист планински воздух во градот

Мерна станица за мерење на квалитетот на воздухот доби Берово и првичните резултати од мерењата го срушија митот за чистиот планински воздух во овој град. О2 Иницијативата направи анализа на аерозагадувањето во Берово, при што констатираат дека редовни се концентрациите на PM10 честички над 100 микрограми на метар кубен, додека PM2.5 честичките се доста високи, ако се земат во предвид препорачаните и законски максимално дозволени концентрации.

„Зимно време, претпоставуваме поради греењето, особено во утринските и вечерните часови, воздухот е поприлично загаден за град кој важи за воздушна бања“, се наведува во Фејсбук објавата на 02 Иницијатива.

Тие додаваат дека Гевгелија е со далеку почист воздух од Берово, но за да се дојде до ваков заклучок морало најпрво да се постават мерните станици за квалитетот на воздухот во двата града, кои беа изминатиов период изведени од Министерството за животна средина и просторно планирање преку Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентниот воздух.

„Само на овој начин, со мерење, може да се види каков е воздухот низ разни места во земјава, што дава потоа основа за делување за да се подобри. Мониторингот е клучен. Затоа, што поитно ставање во функција на мерните инструменти за PM10 и PM2.5 во Битола 1 и SO2 во Лазарополе“, порачуваат од 02 Иницијатива.

Покрај Берово, нова мониторинг станица за мерење на квалитетот на воздухот доби и Прилеп. Сепак, постојната мрежа што го следи аерозагадувањето во населените места низ земјава не е доволна. Мета.мк веќе пишуваше дека во целиот северен дел на Скопје, којшто ги вклучува општините Чаир, Бутел и Шуто Оризари, во моментов нема ниту една фиксна или мобилна мониторинг станица што ќе го мери квалитетот на воздухот на овие локации.

Порталб.мк исто така пред неколку дена пишуваше дека Тетово има само една мониторинг станица што е поставена кај училиштето „Кирил и Методиј“, која што ги испраќа податоците за аерозагадувањето до Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентниот воздух. Ова практично значи дека најголемите градови во земјава – Скопје и Тетово, коишто со години наназад се и едни од населените места со најлош квалитет на воздухот, немаат соодветна мрежа на бројни локации коишто ќе го прикажуваат квалитетот на воздухот.

Мета.мк редовно ги следи мерењата на квалитетот на воздухот во Скопје и последната анализа за месеците октомври и ноември 2021 година покажа дека населбата Лисиче е најопасната локација за живеење во главниот град, земајќи ги во предвид измерените вредности на PM2.5 и PM10 честичките.

За неопходноста од поставување на повеќе мерни станици и сензори Мета.мк зборуваше и со Горјан Јовановски, творец на платформата „Мој воздух“, којшто нагласи дека од зголемувањето на бројот на локациите каде што се вршат мерењата зависи лоцирањето на загадувачите на воздухот, но и преземањето на ефикасни мерки од надлежните власти за да се подобри квалитетот на воздухот.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Бесплатен влез во музејските институции за 18 Мај, Меѓународниот ден музеите

Бесплатен влез во музејските институции за 18 Мај, Меѓународниот ден музеите

„Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое утре ќе се одбележи Меѓународниот ден …