Поголема праведност во оданочувањето, подобра наплата на приходите, зголемена транспарентност, подобри услуги и воведување еколошко „зелено“ оданочување се петте приоритети во Стратегијата за реформа на даночниот систем 2021-2025 година, која е усвоена од Владата, вели министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за „Капитал“.
-Главната цел на даночната политика е обезбедување на одржлив економски раст и развој, притоа обезбедувајќи правна сигурност за даночните обврзници и редовна наплата на јавните приходи – вели Бесими.
Министерот за финансиии наведува дека прв приоритет во Стратегијата е поголема праведност во оданочувањето, со цел да се обезбеди секој да ја исполнува својата општествена обврска и да го плаќа својот праведен удел од данокот. Бесими посочува дека очекуваните резултати се преоценка на моделот за праведно оданочување, имплементација на стандардите за спречување на ерозија на даночната основа и преместување на профитот (БЕПС), усогласување на националното законодавство со наднационалното законодавство на Унијата и сл.
Како втор приоритет Бесими ја издвојува поголемата ефикасност и продуктивност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, преку поефикасна борба против нерегистрираните дејности и затајување на данок и зајакнат институционален капацитет, анализа и доуредување на даночната основа, намалување на заостанатите даночни обврски и спроведување на регистар на вистински сопственици.
-Некои од мерките предвидени за подобрување на ефикасноста и продуктивноста на системот за наплата на даноците се преглед на постојната даночна регулатива, воведување на напредни технологии, зајакнување на капацитетите на институциите, модернизација и автоматизација на работните процеси, засилена институционална координација, како и подобра соработка на меѓународно ниво – вели министерот за финансии.
Третиот приоритет во Даночната стратегија е зголемена даночна транспарентност, што вклучува подобрување на размената на информации помеѓу даночните органи и други субјекти, која во прв ред ќе се заснова на електронски услуги и дигитализација на процесите, наведува во интервјуто министерот.
Како еден од петте приоритети во Стрегијата издвоен е и подобрување на квалитетот на услугите. Целните резултати се поголем степен на дигитални услуги, подобро управување со издавањето на увозно-извозни дозволи, елиминирање на непотребните нетарифни бариери и подобра внатрешна и даночна контрола.
Последниот или петти приоритет е воведување еколошко („зелено“) оданочување, вели Бесими, со цел стимулирање на даночните обврзници да ги намалат активностите, кои придонесуваат за загадување на животната средина.
-Главната цел е справување со загадувањето и заштита на природните ресурси. Дополнително, како резултат на ова може да се очекува и зголемување на буџетските приходи.- вели министерот за финансии во интервјуто.