Битиќи

Битиќи во „Економски магазин“: Подигнувањето на животниот стандард е највисок приоритет на Владата, минималната плата ќе продолжи да расте

Заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, гостуваше во емисијата „Економски магазин“, на телевизијата Алсат, кадешто за актуелни економски теми дискутираше со Билјана Дукоска од „Македонската платформа против сиромаштијата“ и Слободан Трендафилов од Сојузот на синдикати на Северна Македонија.

Помеѓу останатите теми кои се дебатираа за време на емисијата, вицепремиерот Битиќи се осврна на активностите на Владата за сузбивање на сиромаштијата во државата, при што посочи дека во изминатите две години, Република Северна Македонија, но и целиот свет беа ставени на уште поголем предизвик, со оглед на економската криза во светот којашто беше предизвикана од пандемијата со коронавирусот Ковид-19. Тој потсети дека во Владината програма од 2017 година беше посочено дека сиромаштијата во Република Северна Македонија ќе биде под 16%, а притоа не беа земени во предвид последиците од ковид-кризата, којашто секако не можеше да се предвиди, и кога поради кризата интервентно се променија приоритетитните политики, а додаде дека и покрај кризата направени се сериозни чекори напред кон намалување на сиромаштијата.

„Перцепцијата на граѓаните дека се живее потешко е поради двегодишниот удар кој влијае на економско и здравствено поле, се надоврзува и енергетскиот аспект. Тука се и потребите за задоволување на домаќинствата за храна, кадешто имаше ценовен скок, што не е производ на пазарната економија, туку на однесувањето на чинителите во пазарната економија. Подобрувањето на животниот стандард на граѓаните е еден од највисоките приоритети на Владата, а тој доаѓа преку достоинствени плати за граѓаните“, порача вицепремиерот.

Битиќи додаде дека Владата, синдикатите и граѓанскиот сектор се на иста страна во поглед на платите, но енергетската криза, економската криза и политичките состојби не дозволија минималната плата да се зголеми уште во месец декември, но раст на минималната плата во следниот период ќе има.

„Во 2016 година минимална плата беше 9.000 денари или 38 % од просечна, на крај на декември 2021 просечна плата е 29.145 денари, на околу 1000 денари од ветувањето за 500 евра просечна плата и покрај двегодишната кризата, а минималната плата во ноември 2021 е 15.145 денари и е на ниво од 52,2 % од просечната плата. И ова е еден од показателите кој влијае на намалување на сиромаштијата. За четири години уделот на минималната плата во просечната плата е зголемен за цели 14 процентни поени. Ветувањето за покачување на минималната плата во програмата на владата и барањето на синдикатите за покачување на минималната плата на 18.000 денари, остануваат високи приоритети на новата Влада, но секако дека остануваме на ставот дека сите интервенции на платите треба да се извршат преку економско-социјалниот совет, односно преку дијалог со сите социјални партнери, за да имаме решенија кои се одржливи“, потенцираше вицепремиерот Битиќи и нагласи дека со ова покачување, минималната плата би изнесувала околу 58-59% од просечната плата во земјата, што е едно од синдикалните барања и барањата на работниците.

Борбата против сиромаштијата не бара само интервенции од државата, туку сеопфатен пристап, нагласи вицепремиерот и притоа додаде дека во таа насока се работи на изготвување на Национална развојна стратегија, како системски документ кој треба сеопфатно да одговори како ќе се справуавме како држава со сиромаштијата, што е долгорочен процес .

„Дополнително, со социјалната реформа која ја спроведовме, влијаевме за намалување на степенот на сиромаштија и ако не ја преземавме оваа реформа, сега во време на пандемија ќе зборувавме за многу поголема стапка на сиромаштија од она што е во моментов. Ние во овој момент, имаме околу 35.000 приматели на гарантиран минимален приход од 12.000 денари, наспроти околу 80.000 луѓе кои претходно добиваа социјална помош по три-четири илјади денари, со кои тешко да се поминат неколку дена. Гарантираниот минимален приход е финансиска помош за одредени категории, за да се снајдат на пазарот на трудот, станат активни баратели на работа и најдат соодветно работно место. Да не го занемаруваме и фактот дека со помош на економските мерки за помош во време на пандемијата, Владата успеа да спаси околу 60.000 работни места, што беше потврдено и од Меѓународниот монетарен фонд“, посочи Битиќи.

Во однос на енергетската криза, вицепремиерот потсети дека уште минатата година Владата го намали ДДВ за електрична енергија од 18 на 5 отсто, а сега ќе следуваат нови мерки, од кои првата од нив е субвенционирање од 600 до 800 денари на месечно ниво на сметките за електрична енергија за 7.500 семејства со ниски примања.

Прочитајте повеќе

Германија: Повеќе работа не значи секогаш и повеќе пари

Германија: Повеќе работа не значи секогаш и повеќе пари

Откако актуелната влада го подигна нивото на социјална помош, се водат дебати дали воопшто се …