Независната советничка група во Советот на општина Битола која себеси се нарекува „Поинаку“, вечерва во комплексот „Пелагонка“ отвори своја канцеларија. Како што изјавија двајцата независни советници, Габриела Илиевска и Иван Чулакоски, канцеларијата ќе овозможи да ја подобрат комуникацијата со граѓаните и да станат подостапни за идеите, предлозите и проблемите на битолчани.
„Целта на нашето постоење и функционирање како членови во Советот на општина Битола, е да бидеме поблиску да граѓаните, да овозможиме нивниот глас да стигне до институциите. Пред се’ до локалната власт. Од тие причини денеска отворивме канцеларија, која ќе биде достапна за сите граѓани на општина Битола.
За жал, иако новата локална власт и градоначалничката Наташа Петровска велеа дека ќе бидат достапни за битолчани, дека локалната самоуправа и другите институции ќе бидат отворени за граѓаните, дека транспарентноста ќе биде нивни приоритет, се случи спротивното.
Граѓаните треба и мора да имаат информации за случувањата во Советот на општина Битола, во локалната самоуправа, јавните претпријатија, училиштата и останатите институции кои се во надлежност на општината. Затоа, исто онака како што во предизборието им пристапувавме на граѓаните и одевме во нивните домови да го бараме нивниот глас, така сега ние, нивните избрани претставници во општинскиот Совет, треба да бидеме достапни за нивните идеи, предлози или проблеми.
Како и многу други нереализирани ветувања, на ист начин општинската власт не го одржа зборот дека канцеларијата на нашата советничка група ќе биде во општинската зграда. Од тие причини, канцеларијата се наоѓа во комплексот „Пелагонка“, на вториот кат, и во неа секој понеделник во терминот од 17 до 19 часот, советниците од нашата советничка група ќе имаат средби со граѓаните.
Во оваа прилика ги повикуваме граѓаните на Битола, без разлика на нивната политичка или било каква друга припадност, да ја посетат нашата канцеларија, во интерес на изнаоѓање решенија за подобрување на условите за живот на битолчани. Бидејќи на сите нас кои живееме тука, Битола секогаш треба да ни биде пред сѐ“, велат од „Поинаку“.