Бочварски: Изградба и рехабилитација на преку 1.500 километри национални и 450 километри локални патишта, на околу 500 километри комунална мрежа, продолжуваме со инвестициите во железницата

Бочварски: Изградба и рехабилитација на преку 1.500 километри национални и 450 километри локални патишта, на околу 500 километри комунална мрежа, продолжуваме со инвестициите во железницата

„Инвестициите во инфраструктурата ги реализираме преку изградба и рехабилитација на преку 250 километри автопатна мрежа, изградба на 300 километри експресни патишта, преку 1.000 километри рехабилитација на регионални патишта и рехабилитација на околу 450 километри локални патишта. Во соработка со други министерства преку разни програми планираме изградба на нови 500 километри водоводни и канализациони линии. Фокус и понатаму останува изградбата на пругата на Коридор 8, утврдена ни е динамиката на изградба на преку 700 социјални станови”, истакна министерот Благој Бочварски на денешната прес-конференција на која ги презентираше целите и задачите содржани во мандатното писмо.

„Довербата што ми ја даде премиерот Зоран Заев носи голема одговорност и отчетност пред граѓаните. Мандатот за Влада 2020-2024 година е обврзувачки за сите нас и она што е преточено во Владината програма да го реализираме“, истакна министерот Бочварски.

Тој потенцираше дека се залага за искористување на сите технички и човечки капацитети да се изгради квалитетна инфраструктура и да се обезбеди високо ниво на реализација на капиталните инвестиции како услов за заздравување на домашната економијата и тоа преку градежниот сектор.

„Од нас се очекува во соработка со сите надлежните институции да продолжиме во спроведувањето на десетгодишната Стратегија за развој на патната инфраструктура, модернизација и безбедност, преку инвестиции од дополнителни две милијарди евра. Притоа, продолжуваме поинтензивно со изградба на автопатот Кичево-Охрид, целосно ќе го реконструираме патниот правец од Струга до граничниот премин Ќафасан, а ќе започнеме со постапка за проширување на автопатот Тетово-Гостивар.

Истовремено вршиме проектирање за изградба на нов автопат од Гостивар до Кичево како и со изградба на автопатот Скопје-Блаце. Понатаму, продолжуваме да ги градиме експресните патишта и тоа втората фаза од Штип-Радовиш, втората делница од Штип-Кочани, Ранковце-Крива Паланка и Градско-Прилеп. Започнуваме со изработка на проектна задача за автопат Прилеп-Битола. Во овој мандат ќе работиме на започнуваме со изградба и на нови два експресни патишта Смоквица-Струмица-Ново Село и Битола-граничен премин Меџитлија со обиколница Битола”, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Тој најави рехабилитација на преку 1.000 километри магистрална и регионална патна мрежа и инвестиции од 70 милиони евра во санација на локални патишта и улици.

„Во мандатот се обврзуваме да работиме на подобрување на квалитетот на железничката инфраструктура и да ја доизградиме пругата од Куманово до Бељаковце, да започнеме со втората и третата фаза од железничкото поврзување со Република Бугарија и да ја пуштиме во сообраќај новата пруга од Битола до Кременица. По завршување на КОВИД-19 кризата се обврзуваме со активности за воведување нови дестинации и зголемување на бројот на летови од домашните аеродроми“, се обрати министерот Бочварски.

Министерот потенцираше дека денеска е потпишан и Правилникот за урбанистичко планирање како продолжена алатка на новиот Закон за урбанистичко планирање, со кои ќе се овозможи вистински развој на урбаните средини преку рационално и хумано планирање на просторот, каде нема повеќе да се дозволува узурпација на просторот.

Задачите и целите содржани во мандатното писмо преку кои ќе се реализираат капиталните проекти, министерот најави дека ќе ги остварува професионално преку унапредување на политиките на транспарентност и отчетност.

Прочитајте повеќе

Стабилизирање на времето со температури до 28 степени

Стабилизирање на времето со температури до 28 степени

Денеска преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во планинските …