Борбата против дезинформации бара партнерство меѓу институциите и граѓанското општество

Борбата против дезинформации бара партнерство меѓу институциите и граѓанското општество

„Дезинформациите како средство за предизвикување или продлабочување на општествените поделби односно како средство за психолошка војна не се ниту нов, ниту непознат феномен“, порача претседателот Пендаровски во своето воведно обраќање

Електронските дезинформации се шират и никој не е имун на нив. Тие се закана за општествата. Борбата против дезинформациите бара партнерство меѓу институциите и граѓанското општество. Oва беше истакнато на денешната конференција „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите во Република Северна Македонија“, која ја организира Претседателскиот центар за политичко образование, во соработка со Фондацијата „Метаморфозис“.

На отворањето на конференцијата се обрати претседателот Стево Пендаровски, Дирк Јан Коп, амбасадорот на Кралството Холандија во Северна Mакедонија, Бардил Јашари, извршниот директор на Фондацијата „Метаморфозис“, како и проф. д-р Александар Љ. Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование, советник на претседателот за внатрешна политика, надворешна политика и уставни прашања и вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, УКИМ.

„Дезинформациите како средство за предизвикување или продлабочување на општествените поделби односно како средство за психолошка војна не се ниту нов, ниту непознат феномен. Присутни се во сите општества во различни временски периоди и биле користени од различни групи внатре и надвор од општествата. Во оваа смисла особено се ранливи демократските општества бидејќи плурализмот на мислењата и ставовите, односно слободата на изразување вклучува и слобода на вербално несогласување се самата суштина на демократските општества и начинот на кој во нив се донесуваат одлуките“, истакна претседателот Пендаровски во своето воведно обраќање.

Борбата против дезинформации бара партнерство меѓу институциите и граѓанското општество
Претседателот Стево Пендаровски на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г.; Фото: Мета.мк

Тој кажа дека сите информации, освен оние од безбедносен карактер, треба да ѝ бидат достапни на јавноста затоа што вистината е најдоброто оружје против дезинформациите и лагите.

„За долгорочна отпорност на македонското општество клучно е образованието. Во  образовниот систем мораме да вклучиме содржини што се однесуваат на медиумската писменост, а препорачувам и вклучување на политичкото образование во духот на демократските вредности во редовниот образовен систем. Претседателскиот центар за политичко образование веќе започна една таква иницијатива во соработка со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Фондацијата за демократија на Вестминстер од Велика Британија и токму утре ќе биде промовирана публикацијата со јасни насоки и препораки за имплементација  на политиките во овој сегмент“, потенцира претседателот.

Амбасадорот Јан Коп, се осврна на интересот на Холандија и на С. Македонија кој е јасен, а тоа е дека и двете земи сакаат стабилност и просперитет.

„Затоа државата, освен на НАТО, треба да биде и членка на ЕУ“, кажа амбасадорот.

Борбата против дезинформации бара партнерство меѓу институциите и граѓанското општество
Холандскиот амбасадор Јан Коп на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г.; Фото: Мета.мк

Од почетокот на руската агресија, потсети амбасадорот Јан Коп, има многу дезинформации.

„Наративот е зајакнат од локалните актери за краткорочни политички добивки или за повеќе лајкови на социјалните мрежи. Ние годинава славиме 30 години дипломатски односи меѓу нашите две земји. Она што е исто низ годините, е дека Холандија е најлојален пријател и најсилен поддржувач на С. Македонија за членство во ЕУ. Мило ни е што ја поддржуваме Фондацијата Метаморфозис, која работи на проекти за погрешни информации и пропаганда кои доаѓаат од екстремистички актери во регионот. Ако се фокусираме само на проверка на информацијата и дебанкинг, секогаш заостануваме еден чекор назад. Потребна е општествена отпорност на информациите, а тоа бара и национални насоки и законска регулатива. Луѓето не треба да веруваат во сè што ќе прочитаат, учениците треба да ги прашуваат наставниците, а граѓаните треба да им поставуваат прашања на властите. Ни требаат покритички и поаналитички и полатерални мислители“, истакна холандскиот амбасадор.

Директорот на Метаморфозис, Бардил Јашари истакна дека од 2011 година Фондацијата го препозна овој проблем и почна да се бави прво со проверка на факти.

Борбата против дезинформации бара партнерство меѓу институциите и граѓанското општество
Директорот на Метаморфозис Бардил Јашари на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г.; Фото: Мета.мк

„Со текот на времето, видовме дека дезинформациите се многу сериозен проблем. Тоа е и безбедносен проблем и како таков треба да се третира. На ваквите сложени општествени проблеми, сметаме дека сите заедно треба да работиме за да најдеме решение и да ги намалиме штетите од дезинформациските кампањи. Треба да создадеме систем, кој ќе ги намали штетните влијанија. Затоа таа заедничка работа, е многу важна. Улогата на невладините организации е важна, треба да се работи на едукација на граѓаните, на градење капацитети, анализи и истражувања кои ќе дадат уште поголем кредибилитет на тоа што го работиме. Очекуваме од државните институции да бидат потранспарентни и да не оставаат простор за манипулации. Академската заедница, медиумите да ги следат своите стандарди. Мисијата не е невозможна ако работиме заедно и фокусирано во борбата против дезинформациите“, истакна директорот Јашари.

На конференцијата, професорот Александар Спасов во своето излагање кажа дека е потребно да се избориме со пропагандата и да изградиме систем.

Борбата против дезинформации бара партнерство меѓу институциите и граѓанското општество
Професорот Александар Спасов на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г.; Фото: Мета.мк

„Пропагандата и дезинформациите живеат долго време со нас. Нивното дејствување е јако и на геополитички план, така и на внатрешно политички план. И тоа не само систем кој ќе го сочинуваат само државните органи, туку систем на отпорност од страна на општеството. Најефикасната борба со пропагандата е ако самото општество може да препознае што е стереотип, што е предрасува, што е лага, а што вистина“, рече професорот Спасов.

Во рамки на конференцијата се одржува и сесијата насловена „Тековни состојби и предизвици поврзани со влијанието на дезинформациите во Република Северна Македонија“ на која зборуваат Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за разузнавање, Миле Бошњаковски, генерален секретар на Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Филип Стојановски, директор за партнерство и развој на ресурси во Фондацијата „Метаморфозис“, како и Билјана Георгиевска, извршна директорка на „Совет за етика во медиумите на Македонија“.

На втората сесија насловена „Решенија и наредни чекори – препораки за заедничко делување“ ќе се обратат Елида Зулбеари, раководител на проект во Фондацијата „Метаморфозис“, Светлана Силјаноска, соработник за комуникации и односи со јавност за НАТО и безбедносни прашања во Владата на Република Северна Македонија, Петра Балажиќ, претставничка на „Центар за европска перспектива“ од Република Словенија и Росана Алексоска, претставничка на Граѓанската асоцијација – МОСТ.

Прочитајте повеќе

Во акција уапсени 17 припадници на затворска полиција

Во акција уапсени 17 припадници на затворска полиција

Седумнаесет припадници на затворската полиција се уапсени во голема полициска акција, информираат од Обвинителството за …