Вашиот идентитет ќе остане и ќе биде надграден со другите идентитети, кои се надополнуваат.. Ни требате, ни треба Северна Македонија за да го надополни нашиот сложен идентитет, рече високиот претставник на ЕУ.
На патот кон ЕУ нема да го изгубите својот идентитет, рече високиот претставник на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел денеска во рамките на обраќањето на првата меѓу владина конференција во Брисел.
„Ние имаме неколкуслојни идентитети. Северна Македонија со својот идентитет, со својата богата историја и култура секогаш била дел од Европа. Вашиот идентитет ќе остане и ќе биде надграден со другите идентитети, кои се надополнуваат.. Ни требате, ни треба Северна Македонија за да го надополни нашиот сложен идентитет. Потребни сме си едни на други“, рече Борел во дел од обраќањето.
Тој воедно истакна дека со реформите ќе бидат постигнати резултати кои ќе го трансформираат општеството.
„Овие реформи ќе бидат придобивки за граѓаните. На тој пат ЕУ ќе ве поддржува.. Ќе ви помогнеме да градите отпорност и да се соочите со последиците од руската агресија врз Украина. Тоа ќе биде видливо во енергетиката и храната“, истакна Борел.
Високиот претставник на ЕУ додаде и дека земјава е веќе 100-процентно усогласена со надворешната политика на Унијата.
„Усогласувањето со надворешната и безбедносна политика и санкциите не е техничка вежба. Чини многу. Ова е однос кој се базира на споделени принципи, вредности и цели“, рече Борел во дел од обраќањето.
Извор: Глас на Америка