Борел: Странското мешање и дезинформации штетни за нашата борба против пандемијата и за демократијата

Борел: Странското мешање и дезинформации штетни за нашата борба против пандемијата и за демократијата

Одредени странски фактори, сеедно дали се држави или недржавни чинители, спроведуваат дезинформациски кампањи, намерно ширејќи лажни или заведувачки информации. Тие го прават тоа за да нѐ ослабат и да ѝ нанесат штета на нашата способност да одговориме ефикасно на кризата. Но ЕУ веќе одговара и мора да одговара на ваквите напади, порачува Жозеп Борел, Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и заменик-претседател на Европската Комисија.

Борел посочува на скорешните напади на развивачите на вакцини од Западот коишто се појавија на повеќејазичните медиуми контролирани од руските власти, коишто во некои случаи беа дури и апсурдни – како што се тврдењата дека вакцините ќе ги претворат луѓето во мајмуни.

„Таквите наративи се јасно насочени кон земјите каде што Русија сака да ја продава својата вакцина Спутњик V. Среде актуелната пандемија, секој обид да се поттикнат вакви неосновани сомнежи е закана за јавното здравје. Терористичките организации, како ИСИС, исто така ја искористија конфузијата со корона вирусот за да ја шират својата пропаганда“, посочува Борел.

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и заменик-претседател на Европската Комисија посочува дека иако дезинформациите се стар феномен, главната опасност сега е можноста за лесно и брзо распространување преку интернет.

„Ова не е нов предизвик: дезинформациите се со нас долго време. Но со можностите што ги нуди интернетот, тие сега се шират побрзо од кога било претходно, стасувајќи до граѓаните во нивните домови секој ден. Некои државни фактори, како Русија и Кина, се активно вклучени во овие активности, обидувајќи се да ги поткопаат или да ги делегитимираат нашите демократски системи и вредности, како слобода, плурализам и принципите и вредностите врз коишто се изградени.

Намерното распространување на лажни или заведувачки информации е само дел од предизвиците. Во текот на пандемијата борбата против манипулациите и дезинформациите се користеше од авторитарните режими како мотив за ограничување на основните права и посебно слободата на изразување и слободата на медиумите.

Мерките што притоа се преземаа се движеа од прогонување странски дописници до онлајн-малтретирање и во некои случаи и закани со физичко насилство. Тоа не можеме да го прифатиме: слобдата на говорот и слободата на медиумите се витални потпори на нашите демократии, а ние исто така се потпираме на независното известување од целиот свет. Ако работата на новинарите е ограничена, треба да заземеме поцврст став. ЕУ ќе ги штити овие принципи и ќе одговара ефикасно на дезинформациите“, порачува Борел

Заменик-претседателот на Европската Комисија разглобува што ќе се презема во иднина.

„Благодарение на соработката со нашите меѓународни партнери, како Г7 и НАТО, може да ги следиме глобалните трендови и да се подготвиме за нив. Проверувачите на факти, новинарите, невладините организации и аналитичките организации исто така неизмерно придонесуваат за сузбивање на ширењето на дезинформациите. На 2 декември, Европската Комисија го презентираше Европскиот демократски акциски план, којшто се фокусира на интегритетот на изборите, медиумскиот плурализам и справувањето со дезинформациите. Во сите овие работи мора да се постапува како целокупно општество, вклучувајќи ги тука граѓанските организации, медиумите, научната фела и приватниот сектор (најважно од се притоа, онлајн платформите и огласувачите) за да ги заштитиме нашите демократии од странски вмешувања.

Исто така мора да ја зголемиме меѓународната соработка. Европа не е остров: Нема граници во киберпросторот. Нашите обиди да се заштитиме од овие закани внатрешно самите, се изложени на ризик да бидат подриени од манипулативни влијание од земји со послаби регулаторни и набљудувачки капацитети.

ЕУ ја нуди својата техничка поддршка на властите и граѓанските организации низ светот за да изградат капацитети и надзорни улоги какви што развиваме внатре во ЕУ“, пишува Борел.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Георгиев бил фатен на дело со мито, Иџет Мемети е второосомничен

Обвинителство: Врховниот судија Георгиев бил фатен на дело со мито, Иџет Мемети е второосомничен

Јавен обвинител предложи притвор само за првоосомничениот кој е затекнат при извршување на кривичното дело, …