Информацијата која помина во Собранието нема никакво значење затоа што рамката ја усвојува Владата, но, затоа, обврските кои произлегуваат од преговарачката рамка, а тоа е промена на Уставот со цел внесување на Бугарите, нема да помине во македонското Собрание, порача лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференција по изгласувањето на предложените заклучоци за францускиот предлог.
Мицкоски рече дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата потпишале изјави заверени на нотар со кои се обврзуваат да не прифатат промена на Уставот. Внесувањето на Бугарите во македонскиот устав е услов за втората меѓувладина конференција и почеток на преговорите со ЕУ.
„Народот може да биде спокоен, ова не е 2019-тата година. На иницијатива на пратениците како гаранција со која се обврзуваме пред граѓаните за ова наше ветување, со цел блокада на предавството на оваа Влада се изјавите на пратениците заверени на нотар, дека со мирна совест и здрава свест нема да прифатат промена на Уставот, а за тоа гарантираат со својата чест, совест и оставка која веднаш стапува на сила доколку тоа се случи. Јас верувам дека ниту еден пратеник нема да го одобри ова предавство и за тоа го имате и мојот збор дека тоа нема да се случи тоа. Ова се тие изјави, заверени на нотар“, рече опозицискиот лидер држејќи во рака неколку листови хартија.
Тој додаде дека по завршувањето на мандатот на пратениците од СДСМ, тие ќе одговарале кривично, а на граѓаните им порача дека „ништо не е готово“.
По три дена расправа, денеска во Собранието беше изгласана Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори со ЕУ, предложена од страна на француското Претседателство со Советот на Европа.
Од регистрираните 69 пратеници, за предложените заклучоци гласаа 68, додека „против“ и „воздржани“ немаше.
Пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз (ДС), кој е дел од владината коалиција, преку соопштение информираше дека не гласал за заклучоците предложени од СДСМ и ДУИ. Претходно, од говорницата порача да се гласа за заклучоците што тој ги предлага.
Во меѓувреме, Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји го поздрави гласањето во македонското Собрание, со кое, како што напиша, на Владата ѝ се дава јасен мандат за отпочнување на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ.
„Со нетрпение очекуваме да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија. Северна Македонија припаѓа во ЕУ“, напиша Вархеји на Твитер.
I welcome the result of today’s vote after last days of deliberate discussions in Parliament giving clear mandate for Gov’t to start 1st IGC based on FR proposal. We look forward to open accession negotiations w/ 🇲🇰. #NorthMacedonia belongs to the 🇪🇺
— Oliver Varhelyi (@OliverVarhelyi) July 16, 2022
Слична честитка од Брисел упати и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Честитки до Северна Македонија за гласањето што сега го поплочува патот за брзо отворање на пристапните преговори. Тоа беше историска можност. И вие ја искористивте“, порача фон дер Лајен.
🇲🇰 Congratulations to North Macedonia on the vote that now paves the way for opening the accession negotiations rapidly.
It was a historic opportunity.
And you seized it.
A big step on your path towards a European future. Your future.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) July 16, 2022
И претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, напиша дека изгласувањето на предлог заклучоците е значаен чекор за Северна Македонија и за ЕУ.
„Суштински чекор за Северна Македонија и за ЕУ. Нашата иднина е заедничка и ве пречекуваме со отворени раце“, напиша Мишел на македонски јазик.
Денешното гласање во @SobranieRSM го отвора патот за одржување меѓувладина конференција со Северна Македонија следната недела.
Суштински чекор за 🇲🇰 и за 🇪🇺
Нашата иднина е заедничка и ве пречекуваме со отворени раце. pic.twitter.com/eshTVCia3C
— Charles Michel (@CharlesMichel) July 16, 2022