Кабинетот на Претседателот на Бугарија денеска соопшти дека претседателот Румен Радев в четврток, 16 септември, ќе го распушти парламентот и истиот ден ќе назначи нова техничка влада на Бугарија.

Како што пишува бугарскиот медиум „Медиапул“, ова е третиот службен владин кабинет назначен од Радев.

Првото назначување службена влада Радев ја направи веднаш по стапувањето на должност во јануари 2017 година, откако втората влада раководена од Бојко Борисов си даде оставка. Причината за тоа беше што Цецка Чачева, кандидат на владејачката ГЕРБ, чиј претседател беше Борисов, загуби на претседателските избори.

Втората техничка влада, која ја раководи Стефан Јанев, беше назначена на 11 мај годинава, по трите неуспеха на ГЕРБ/СДС, „Има таков народ“ и БСП по парламентарните избори на 4 април да формираат влада.

Првите вонредни парламентарни избори се случија на 11 јули, но досега обидите некоја од партиите со најмногу освоени гласови да формира влада пропаднаа. Затоа, пред неколку дена Радев ги најави и вторите вонредни избори во Бугарија за малку повеќе од четири месеци. Тие ќе се одржат на 14 ноември, заедно со претседателските избори.

Извор:МЕТА