Делчево: Започна одбележувањето на празникот на градот- отворена конгресната сала во СОУ „М.М.Брицо“

Со пригодна свеченост денеска беше пуштена во употреба новата конгресна сала во СОУ „М.М.Брицо“ во ДелчевоСалата е инвестиција на самото училиште за што од сопствени средства се издвоени 3, 5 милиони денари. Како што посочи директорката Дијана Цонева, со посветена работа и ценејќи ја потребата на училиштето, со реконструкција на старата спортска сала градена во 1961-ја добивме новата модерна конгресна сала.

– Спортската сала последните години не беше во функција. Сега овој простор, ќе биде искористен на најдобар можен начин од нашите ученици, персоналот и сите наши сограѓани. Оваа сала ќе се користи за свечени академии кои ќе ги организира училиштето.Ќе се користи за состаноци, класни часови, работилници, за дебата на учениците, часови по музичка уметност, за обуки, семенари потоа, презентација на проекти, разни работилници на кои ќе учествуваат и учениците и професорите, рече Цонева.

Градоначалникот Трајковски кој присуствуваше на настанот посочи дека оваа инвестиција е резултат на домаќинско работење на самото училиште.

-Кога се сака да се направат промени, кога се има идеја, кога се работи одговорно и кога имаш за цел како да се унапреди образовниот процес и како да се подобрат и осовременат условите за работа во училиштето, тогаш резултатот е нова инвестиција во интерес , не само на учениците и наставниот кадар на училиштето, туку и на цела општина. На СОУ „М.М.Брицо“ честитам за успешно реализираниот проект и да продолжат одговорно да работат и да ги реализираат сите планирани проекти во иднина. Општината е секогаш партнер на амбизиозните проекти на општинските училишта, рече Трајковски.

На свеченоста по повод пуштање во употреба на конгресната сала, беше изведена и културно-уметничка програма.

Инаку, со пуштањето во употреба на конгресната сала во Делчево започнаа настаните организирани по повод одбележувањето на 78 години од ослободувањето на Делчево и 31 година од независноста на РСМ. По тој повод во текот на утрешниот ден ќе биде пуштено во употреба и интерактивното игралиште во ООУ „Ванчо Прке“, а вечерта со почеток во 19.ч. ќе се одржи вечер на староградска песна посветена на прерано починатиот музичар, Слободан Илиоски, а во организација на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“. Настаните продолжуваат в среда со пуштање во работа на градската фонтана, Свечена седница на Советот и промоција на новото дело на плодниот автор Драган Арсовски и Софрон Ѓеоргиевски „Паметници за Царево Село-црквите и манастирите во Делчевско и сведоштва на царевоселци“, во организација на ЈЛБ „Илинден“. Настаните по повод двата значајни датуми од историјата на Делчево ќе финишираат со Меѓународниот фолклорен фестивал и 16-та Пијанечко-Малешевска свадба која ќе се одржи на 10 септември, а е во организација на КУД „Гоце Делчев“.

Прочитајте повеќе

Одбележан Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

Во рамки на одбележувањето на овој ден, во Институтот за македонски јазик ќе бидат презентирани …