На средбата биле разменети мислења за билатералната соработка, со посебен осврт на политичките односи и економските активности, како и за европската перспектива на Македонија и регионот. Исто така, биле разгледани и можностите за зајакнување на секторската соработка, економската размена и инвестиции.
„Разговаравме за оваа нова ера од нашите односи, констатиравме дека е особено важно да продолжиме посветено да работиме на обостраната имплементацијата на обврските од Преспанскиот договор. Меѓутоа разговаравме и за многу други прашања, како што се одржување на првата седница на Експертската комисија за трговски марки, како и што е можно побрзото одржување на првиот состанок на експертите за отворање на новите гранични премини кои што веќе ги договоривме“, изјави Димитров на прес-конференцијата.
Тој информираше дека добил покана од Дендиас на работен доручек со министрите за надворешни работи на земјите-членки на 9 декември во Брисел.
Димитров изрази благодарност што шефот на грчката дипломатија го потпишал писмото заедно со други четиринаесет земји-членки на Европската унија во поддршка на отворање на пристапните преговори, писмо до претседателот на Комисијата.
Од грчка страна била реафирмирана континуираната поддршка за европската перспектива на Македонија и регионот.
Дендиас исто така се сретна со претседателот Стево Пендаровски, а ќе има средба и со премиерот Зоран Заев.
Извор: МЕТА