Димитров во Свети Николе и Штип: Нема никаков изговор да се бега од оваа одговорност

Димитров во Свети Николе и Штип: Нема никаков изговор да се бега од оваа одговорност

Министерот за надворешни работи Никола Димитров вчера беше во посета на Свети Николе и Штип кадешто имаше средби со граѓани и средба со градоначалникот Благој Бочварски.

Димитров се сретна и со претставници на граѓански, невладини организации. Тој учествуваше и на градска трибина во Штип, кадешто се обрати пред граѓаните. Во обраќањето, Димитров зборуваше за придобивките од членството во ЕУ и НАТО за сите граѓани и повика на масовна излезност на претстојниот референдум посочувајќи ја историската одговорност пред сите нас за иднината на земјата.

Димитров се осврна и на фактот дека патот кон ЕУ е пат кој сами ќе треба да го изодиме и дека тој процес е најдобра алатка која Европската Унија ја поседува за помош во реформските процеси кои нам секако ни се потребни. Во таа насока Димитров истакна дека и покрај богатото минато, време е земјите во Регионот да почнат да се натпреваруваат кој е подобар во борбата против корупцијата, кој има подобро здравство, подобро образование, кој нуди подобро платени работни места, и кој има понезависно судство.

За време на средбата со невладините организации, на која присуствуваше и градоначалникот Бочварски, Димитров ги слушна предизвиците со кои секојдневно се соочуваат граѓаните на Штип и регионот. Тој рече дека и покрај очекуваните директни придобивки од членството од НАТО и ЕУ, од суштинско значење е локалната самоуправа како и Владата брзо да реагираат за решавање на предизвиците со кои се соочуваат граѓаните.

Министерот Никола Димитров беше и во кратка посета на Свети Николе.

Тој во просториите на општината се сретна со претставници од локалната бизнис заедница. Се запозна со нивните дејности, и разговараше за административните предизвици со кои тие се соочуваат. Заеднички заклучок беше дека со решавањето на овие предизвици, работата на локалните стопанственици ќе се олесни што директно би влијаело врз развојот на тој реон. Се дискутираше и за придобивките од членството во НАТО и ЕУ за бизнис секторот. Со членството во ЕУ влегуваме во пазар од 500 милиони жители што отвора сериозни можности за бизнисот, инвестициите, отворање на нови работни места, повисоки плати и подобар животен стандард.

Во следните неколку дена министерот Димитров е во Скопје, по што продолжува со посетите на градови низ државата.

Прочитајте повеќе

Студенти

Студентите што земаат стипендии може да ги продолжат до крајот на октомври

Аплицирањето се врши онлајн, на порталот „е-услуги“ на МОН. Рокот за продолжување на стипендиите, односно …