дкск

ДКСК откри два непријавени стана и автомобил кај Фатмир Арифи, директор на инспекторатот за градежништо

Тој бил повикан на распит и не успеал да докаже дека со платата што ја има можел да ги купи двата стана и автомобилот од 18.000 евра. ДКСК ќе бара обвинителството да го гони за незаконско стекнување имот, а од Владата ќе бара негово разрешување

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) следејќи ја имотната состојба на Фатмир Арифи, директор на Државниот инспекторат за градежништо и урбанизам кај него открило непријавен имот – стан во Железара, стан во Чаир и автомобил „Форд Мондео“ од 18.000 евра. Антикорупционерите ќе бараат кривична одоговрност и разрешување на директорот Арифи од Владата, која го именувала.

Според наодите на ДКСК, Арифи во неговиот анкетен лист не ги пријавил двата стана и автомобилот. За ова, тој платил глоба од 150 евра, меѓутоа понатамошните активности на Антикорупциската комисија се свеле на тоа како Арифи ги стекнал парите за да може да го купи имотот кој не го пријавил.

Тој бил повикан на распит и не успеал да докаже дека со платата што ја има можел да ги купи двата стана и автомобилот.

„Господинот Арифи одговори дека се занимава со продажба на автомобили и дека едниот стан го стекнал со размена на автомобил за стан за што тврдеше дека има изјава заверена на нотар и дека за истото ќе достави документација. На 14 август достави неколку договори за купопродажба на недвижен имот заверени на нотар и решение за утврдување правен статус на бесправен објект, но не за конкретните недвижности. Од увидот во податоците во банките и другите финансиски институции за именуваниот и за членовите на неговото семјетсво, произлегува дека именуваниот освен плата, не остварува други приходи, а не достави ниту докази за потеклото на парите“, изјави Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Таа вели дека во случајов не се докажало дека имотот е купен со пари кои се пријавени и оданочени, па оттаму ДКСК ќе бара обвинителството да го гони за незаконско стекнување имот и ќе бара од Владата негово разрешување.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Фондацијата Метаморфозис со конкурс за годишна награда „Илија Жупаноски“ за справување со дезинформации

Ќе бидат доделени две годишни награди во две категории: Најдобар новинарски труд, односно стручен труд …