Полициска станица, два трговски центри и седум средни училишта во Скопје од изутрината се евакуирани поради дојави за поставени бомби. Полицијата информира дека во 9.30 часот до нив преку електронска пошта биле испратенизакани за поставени експлозивни направи, по што биле преземени мерки за заштита на граѓаните и учениците.
Според информациите на МВР, заканувачки пораки за поставени експлозивни направи добиле седум средни училишта во главниот град, како и Трговскиот центар „Ист Гејт“, Трговскиот центар „Бисер“, станбено-деловниот комплекс Флатрон, полициската станица Центар, како и Транспортниот центар.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и останатите објекти и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, велат од МВР.
Пред два дена за првпат освен до училиштата дојава за поставена бомба стигна и до Народната банка.
Ова е втора дојава за бомби во училишта и институции во Скопје неделава. Претходно закани добија девет средни училишта и Народната банка, за кои полицијата по проверките информираше дека се лажни. Земјата, како и регионот веќе неколку месеци се мета на хибридни напади. Надлежните информираа дека заканите доаѓаат од странски адреси и дека се работи на нивно лоцирање.