Досега попишани 1.383.434 лица, од ДЗС велат дека граѓаните имаат право на увид во внесените податоци

Досега попишани 1.383.434 лица, од ДЗС велат дека граѓаните имаат право на увид во внесените податоци

Заклучно со вчерашниот ден до 20 часот, во земјава биле попишани 1.383.434 лица, 431.573 домаќинства и 595.754 станови, информираат од Државниот завод за статистика.

Заклучно со денешниот ден, преку апликацијата за самопопишување во странство се самопопишале 195.477 лица од дијаспората.

До завршувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите во земјава останува уште една недела, односно истиот ќе заврши на 30 септември.

Од Државниот завод за статистика информираат дека попишувачот има должност да овозможи увид во внесените податоци за нив, а секој граѓанин треба да го следи процесот на самопопишување и да гледа што попишувачот внесува во апликацијата. Доколку некој од попишувачите врши притисок по било кој основ, граѓанинот има право да го пријави случајот.

Истовремено, тие појаснуваат дека никогаш досега, а ни отсега, ниту издавал ниту ќе издава какви било потврди за податоци дадени во Пописот ниту во некои други истражувања што ги спроведува ДЗС и со кои се прибираат лични податоци.

„Исто така, би сакале да потсетиме дека податоците од Пописот се исклучиво за статистички цели и ќе се објавуваат само агрегирано, а никако како лични податоци. Никој нема пристап до личните податоци, а целиот процес на обработка ќе биде автоматизиран и без каков било субјективизам“, појаснуваат од Државниот завод за статистика.

Од ДЗС апелираат до граѓаните да не наседнуваат на провокации и притисоци и во Пописот да ги дадат податоците кои се бараат од нив слободно, со доверба и според сопственото чувство. Притоа, во однос на одговорите на т.н. чувствителни прашања – за етничка припадност, за вероисповед и за мајчин јазик, од ДЗС велат дека тие претставуваат лично чувство на секој граѓанин и попишувачите (или некој друг) не смеат да сугерираат одговори.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

земјотрес

Во Берово и Пехчево почуствуван земјотрес со јачина од 3,2 степени

Според досегашните податоци, земјотресот е почувствуван од жителите овие подрачја, а интензитетот се движи од …