Државата ги „опари“ партиите

Државата ги „опари“ партиите

Политичките партии ги добија парите од државниот буџет. Најмногу земаа три најголеми партии кои освоија и најмногу гласови на последните избори, ВМРО ДПМНЕ – 1. 491. 000 евра, СДСМ – 1. 323.000 евра и ДУИ – 677.800 евра. Законот со кој им следува 0,10% од годишниот буџет нема да се менува.

На 19 мај дата базата на Министерството за финансии, open.finance.gov.mk која ги прикажува трансферите од државниот буџет стана потешка за уште неколку „податоци“. Прикажа дека на сметките на политичките партии легнаа десетици илјади евра, а кај две партии податоците покажуваат дека сумата надминува и над милион евра.

Така ВМРО ДПМНЕ има добиено најголема сума речиси милион и пол евра, СДСМ околу милион и триста илјади евра, додека ДУИ половина од оваа сума или шестотини и седумдесет илјади евра.

Позади овие поголеми партии заостануваат останатите како на пример Левица со вкупно 14.533 000 денари или 236 илјади евра. БЕСА добила 13 115 000 денари односно прикажано во евра е 213 илјади, а по нив со помалку од 200 илјади евра, а повеќе од 100 илјади евра се ГРОМ, ЛДП, Социјалистичка партија, ВМРО НП.

Тоа се пари кои секоја година граѓаните ги даваат за партиите кои според Законот за финансирање на партии освоиле барем 1% гласови од вкупно излезените гласачи. Но, според истиот закон овие партии не добиваат исто пари бидејќи оние кои освоиле повеќе гласови на последни избори, пропорционално добиваат и поголем дел од колачот. Така пропишува членот 10 од овој закон.

Инфографика - Финансирање на политичките партии во Северна Македонија од буџетот за 2023 година
Инфографика – Финансирање на политичките партии во Северна Македонија од буџетот за 2023 година

„Средствата за финансирање на политичките партии, во износ од 30% што се обезбедуваат од Буџетот се распоредуваат подеднакво на сите политички партии кои освоиле најмалку 1% од вкупниот број од гласовите на избирачите кои гласале на последните одржани избори. Средствата за финансирање на политичките партии, во износ од 70% што се обезбедуваат од Буџетот се распоредуваат на политичките партии чии кандидати се избрани за пратеници во Собранието на последните одржани избори за пратеници, сразмерно на бројот на избраните пратеници и на политичките партии чии кандидати се избрани за советници на последните одржани локални избори, сразмерно на бројот на избраните советници, пишува во членот 10.

Пари добиле и „мали“ и „подзаборавени“ партии

Пари од државниот буџет се исплатени и на оние партии кои себе се декларираат како „мали“, но сепак имаат свои претставници во властите. Такви се на пример ПОДЕМ на Живко Јанкуловски со околу 100 илјади евра,, Нова социјалдемократска партија на Горан Мисовски со 60 илјади евра, ДОМ на Маја Морачанин со исплата од 47 илјади евра и Демократскиот сојуз на Павле Трајанов кој за годинава има исплата од државниот буџет од 40 илјади евра.

Седум помали партии чии претставници граѓаните се поретко ги гледаат во политички кампањи исто така сепак добиле граѓански пари. Тоа се оние кои привлекле над 1% од излезените гласачи, но немаат никакви претставници во централната и локалната власт. Така тие земале по нешто помалку од 5 илјади евра, а меѓу нив се: Tрајно македонско радикално обединување, СДУ, СДА, Достоинство, ПОЕН, ОПЕР и Нова Алтернатива. Меѓу пониските суми до 10 илјади евра се и онаа на МААК, Демократски сојуз на Власите, Нова либерална партија, ПЕП21.

Според Миша Поповиќ од Институтот за демократија дури и препорачливо е да има државно финансирање на политичките партии, но потребно е да се услови со три најбитни делови кои треба да ги исполнат. Тоа е развој на поголема внатрепартиска демократија, отчетност пред членството и зголемување на учеството на помалку моќните групи во рамки на партиите.

„Сметам дека развојот на внатрепартиската демократија не е на завидно ниво и веројатно планирањето на тоа како и колку ќе дава државата за политичките партии треба да зависи од тоа на кој начин се остварува таа демократија. Интересот на државата е дека практично таа е слика на партиите, односно ако има внатрепартиска демократија се очекува подобро управување и кога тие партии ќе дојдат на власт“, вели Миша Поповиќ, Институт за демократија.

Трансферите до партиите ги врши Министерството за правда во чии буџет секоја година се предвидуваат средства во ставка со наслов „пари за невладини организации“. Единствено професорката Рената Тренеска – Дескоска, во време кога беше Министер за правда во кризната 2020 та година предложи со уредба партиите да се откажат од она што им следи од Буџетот, но и да размислат за измени на законот со кои ќе се намали процентот. Ова не „помина“ кај партиите.

Сегашниот министер за правда Кренар Лога не размислува на оваа тема.
„ Нема иницијатива за законски измени, потребна е широка дебата и консензус за промена на некои одредби од законот“, велат за РСЕ од Министерството за правда.

Според последното истражување на ИРИ за десет години од 2011 до 2021 година, од државниот Буџет се исплатени вкупно 26,5 милиони евра кон политичките партии во државата. Законот се менувал па во 2011 година се одвојувале 0,06% од Буџетот, во 2019 год се издвојувале 0,15% а со последните законски измени процентот е фиксиран на 0,10. Годинешната исплата надминува над 5 милиони евра вкупно за сите партии.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Народна банка

Народна банка обезбеди стабилност на денарот, инфлациските движења и банкарскиот сектор

Народната банка води соодветни политики, кои придонесоа за стабилизација на инфлацијата, курсот на денарот и …