Државниот врв обединет во справувањето со нападите на центрите за дезинформации и лажни вести (видео)

Државниот врв обединет во справувањето со нападите на центрите за дезинформации и лажни вести (видео)

Тргнувајќи од феноменот на дезинформациите и лажните вести како дел од предизвиците на демократијата и како алатка која се користи за манипулација на граѓаните, и имајќи ја предвид злоупотребата на технологијата за креирање лажни ентитети и непостоечки измислени случувања кои вршат сериозен упад во демократските и изборни процеси и сериозно се закануваат да влијаат на довербата на граѓаните во институциите и медиумите, во Владата на Република Северна Македонија денеска се одржа првиот, конститутивен состанок на Акциската група за координација на институциите на државата за борба против дезинформации и напади на демократијата на иницијатива на Владата на Република Северна Македонија.

На оваа конститутивна средба присуствуваа Претседателот на државата, претседателот на Собранието и претседателот на Владата на Република Северна Македонија и претставници на нивните кабинети, министрите за внатрешни работи, за одбрана, за надворешни работи, за информатичко општество и администрација, како и директорите на Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и Оперативно техничката агенција.

Во своето воведно обраќање на состанокот министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, укажа и на фактот дека Република Северна Македонија во изминатите две години во повеќе наврати се соочи со масовно ширење на лажни вести и дезинформации, и на сознанијата дека дел од дезинформациите биле споделувани и од териториите на други држави.

„Оваа акциска група ќе служи исклучиво за координација на активностите на државните институции и ќе биде на располагање за континуирана координација со останатите чинители на општеството кои даваат свој придонес или имаат водечка улога во борбата со дезинформациите“, истакна министерот Поповски

Претседателот на Владата, Зоран Заев во своето обраќање нагласи дека пропагандата, дезинформацијата и „лажните вести“ имаат потенцијал да го поларизираат јавното мислење, да промовираат говор на омраза и насилство, и конечно, да ги поткопаат демократиите и да ја намалат довербата во демократските вредности.

Премиерот Заев укажа дека нашата земја не е надвор од овие глобални закани, и дека  во изминатите две години во повеќе наврати се соочи со масовно ширење на дезинформации, како на социјалните мрежи, така и на традиционалните медиуми.

Тој ја посочи кампањата со дезинформации и лажни вести поврзани со договорот помеѓу Северна Македонија и Грција како одличен пример какви ефекти сакаа да постигнат манипулациите и дезинформациите.

„Како одговор на овие сајбер закани и согласно заложбите за отвореност, отчетност и транспарентност, Владата ја иницираше подготовката на Предлог акциски план за борба против дезинформации и напади на демократијата. Нашата цел е да ја зајакнеме националната безбедност и сигурноста на граѓаните на нашата земја и да ја браниме и унапредуваме демократијата. Со овој настан започнуваме нова фаза во нашиот организиран пристап во справувањето со нападите на центрите за дезинформации и лажни вести врз демократијата во нашата земја. Оваа денешна конститутивна седница на Акциската група за координација на институционалниот дел од борбата против дезинформациите е еден од првите поголеми чекори кои ги преземаме“, рече премиерот Заев и додаде дека следуваат , уште во месец октомври, серија консултации со граѓанските организации, со новинарскиот еснаф, со медиумските организации, со факт чекерите, со граѓаните, со сите кои сакаат да се вклучат и со сите кои веќе предводат иницијативи против дезинформациите.

Премиерот Заев потенцираше дека поткопувањето на владеењето на правото и политичката стабилност, како цел на дезинформациите и лажните вести, меѓу другото, влијае и на работата на медиумите, и го оцени како исклучително значаен и придонесот на медиумите, медиумските и граѓанските организации, новинарите и граѓаните, кои се определени против злото наречено лажни вести кое ја загрозува демократијата.

„Во насока на обезбедување услови за квалитетно новинарство во дигиталната ера, политиките на Владата секогаш се раководат од тоа што медиумите и медиумските професионалци ќе го утврдат како највисоки етички стандарди во остварувањето на нивната благородна професија. Секој придонес треба да се гледа како дел од една широка акција за креирање, покрај План за справување со дезинформациите и нападите врз демократијата на системско ниво кој се однесува исклучиво за работите кои ги опфаќаат Владините и другите државни институции“, нагласи Заев.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери изрази задоволство што тој, и Собранието се дел од овој прв, толку неопходен чекор во оваа насока, и додаде дека оваа иницијатива е знак дека оваа негативна појава, односно дезинформирањето поттикна потреба од преземање на оваа конкретна акција.

„Ме радува фактот дека сме собрани во ваков состав, тоа е знак дека оваа појава која не засегнува како држава е сериозно сфатена а од информацијата што беше споделена, можев да согледам дека е во процес и изработката на Акциски план за справување со дезинформациите и нападите врз демократијата на системско ниво со цел зајакнување на националната безбедност и сигурноста на граѓаните на Република Северна Македонија, и тоа го поздравувам“, рече Претседателот на Собранието Талат Џафери.

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски истакна дека преку овој процес, и нашата земја се приклучува кон иницијативите кои веќе се имплементираат во десетина од најразвиените држави во светот, и на тој начин ја презема одговорноста за јакнењето на внатрешната демократија, но, и на демократијата во глобални рамки.

„Иницијативи од овој тип преземаат не само владите и  државните институции, туку и големите медиумски куќи, технолошките гиганти и граѓанските организации кои знаат дека борбата со дезинформациите ја поттикнува медиумската писменост и безбедната употреба на интернетот, но, знаат дека тоа, пред се, значи и преземање на сериозна општествена одговорност за нашата заедничка иднина“, рече во своето обраќање на првиот конститутивен состанок на Акциската група за координација на институциите на државата за борба против дезинформации и напади на демократијата на иницијатива на Владата на Република Северна Македонија.

Во завршницата на состанокот уште еднаш беше истакнато дека безбедносните мерки што ќе се преземат по прашањето на лажните вести и дезинформациите на оваа акциска група се однесуваат исклучиво на работата Владата и другите државни институции.

Кога станува збор за проактивните мерки, Владата на Република Северна Македонија, како засегната страна, очекува да произлезат од широката и сеопфатна дебата која ќе биде иницирана уште во текот на месец октомври, во која ќе бидат вклучени сите засегнати и сите заинтересирани страни: Медиумите, медиумските и граѓански организации, новинари и поединци кои се определени против злото наречено лажни вести кое ја загрозува демократијата.

Истовремено, Владата ќе ги прифати и активно ќе учествува во сите слични иницијативи организирани од релевантни организации кои ќе се вклучат во подготовката на одлучна акција против ширење дезинформации.

Прочитајте повеќе

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе во македонското образование, има промена и …