Студена ноемвриска ноќ. Од густата магла измешана со смог тешко може да се забележат лицата на ретките минувачи пред Службата за итна медицинска помош во Скопје.

Фото: Арбнора Мемети

Внатре телефонот непрестајно ѕвони. Повик по повик. Голем дел бараат консултации, но и на многумина им треба итна помош и пренос во болница. Динамиката е исцрпувачка, притисокот скоро неиздржлив.

Ова е атмосферата во една вообичаена ноќ во Службата за итна медицинска помош. Така е веќе скоро 9 месеци, од почетокот на пандемијата. Секој ден, секоја ноќ.

Со цел да ја прикаже реалната ситуација и работата на Брзата помош, агенцијата Мета престојуваше 12 часа заедно со вработените во службата.

Фото: Арбнора Мемети

Смената почнува во 20 часот навечер, и трае до 8 часот утрото. Дванаесет часа непрестајна работа. Време за пауза скоро и да нема. Тоа беше долга и заморна ноќ.

Првите случаи за кои вработените проценија дека е потребна интервенција, а не само консултација по телефон, беа болни од ковид-19, болеста што ја предизвикува новиот корона вирус.

Фото: Арбнора Мемети

Започна подготовката за излегување на терен. Кога овие луѓе одат во директен контакт, „очи во очи“ со болеста, неопходно е да бидат исклучително добро заштитени, бидејќи нивното знаење и експертиза во моментов е од непроценливо значење. Затоа, е неопходна двојна заштита.

Но, за жал, дел од нив, не можат да си го дозволат тоа. Имаат недостиг од заштитна опрема. Скафандерите за една употреба се употребуваат повеќе пати, исто како и хируршките маски и визирите.

Фото: Арбнора Мемети

Користењето на заштитната опрема не е воопшто лесно. Потребна е помош од колегите за екипата која оди на терен биде што е можно побезбедна. Затоа, скафандерот чиј патент е оштетен, потребно е да се прицврсти и со хефталка.

Како што растеше нивото на загаденост и густината на маглата надвор, така се зголемуваше и бројот на повици за кои беше потребна интервенција. А, под тие услови движењето низ градот е отежнато, брзината е забавена.

Понекогаш и повикот се случува предоцна. Таков случај беше повикот за 70-годишен пациент, кој веќе починал, а неговите роднини повикаа Брза помош верувајќи дека е тој во кома, но сè уште жив. Смртта на пациентот влијаеше врз расположението кај екипата на Брзата помош. Потоа, во текот на ноќта смеењето можеше да се слушне многу поретко.

Фото: Арбнора Мемети

Голем дел од ноќта веќе помина. Многу ковид позитивни пациенти во влошена состојба беа пренесени до најблиските ковид центри во градот. Но, брзината на возилото не е она што најмногу влијае врз брзината со која се згрижуваат пациентите. Она што ја забавува работата е преокупираноста на ковид центрите и бавниот прием на нови пациенти. Времето на чекање понекогаш може да достигне и еден час.

Со истото темпо се продолжи до утрото. Едно возило доаѓа, друго заминува. Додека едната екипа ја слекува заштитната опрема и минува низ процесот на дезинфекција, други се подготвуваат да заминат на нова интервенција.

По 12 часа работа, луѓето кои секојдневно спасуваат животи, со видлив замор во лицата и непоколеблива грижа за пациентите, се подготвуваат да заминат дома на заслужен одмор.

Велат, не ги загрижува многу тоа што јавноста скоро и да заборава на нив, па дури и се соочуваат со навреди и напади. Она што тие го работат не е обична професија, тоа е повик за спасување човечки животи. Тие се суперхероите на денешното време, сакал некој да признае или не.

Извор:МЕТА