Две условни казни и една ослободителна пресуда за пожарот во тетовската модуларна болница

Флорим Бесими и Артан Етеми сториле по едно кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292, став 4, во врска со член 288 став 4, во врска со став 2 од Кривичниот законик, а ослободен од обвинение е д-р Бобан Вучевски, пресуди тетовскиот суд

Поранешниот директор на тетовската болница Флорим Бесими и поранешниот економски директор на болницата Артан Етеми добија условни казни од една и пол година за пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој животот го загубија 14 лица во септември 2021 година. Двајцата нема да лежат во затвор, доколку не сторат ново кривично дело во наредните три години, пресуди судијата Јордан Велковски на денешното објавување на пресудата во Основниот суд во Тетово.

Бесими и Етеми беа обвинети дека во модуларната болница не поставиле соодветни заштитни уреди за пожар – противпожарни апарати, а судот во пресудата наведува дека тие не биле свесни за можноста од настапување на штетната последица. Како резултат на нивното непостапување, на 8 септември 2021 година, околу 21 часот, настанал пожарот.

Флорим Бесими и Артан Етеми сториле по едно кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292, став 4, во врска со член 288 став 4, во врска со став 2 од Кривичниот законик, пресуди првостепениот суд.

Со денешната пресуда ослободен е од обвинение Бобан Вучевски, како раководител на модуларната болница за пуштање на неовластени лица во рамките на модуларната болница. За ова дело е ослободена и тетовската болница, а осудена е дека сторила кривично дело „предизвикување општа опасност“ по член 288 став 5 во врска со став 4 во врска став 2 од Кривичниот законик. На правното лице судот му утврди парична казна од 1 милион денари, која треба да ја прати во рок од 30 дена од правосилноста на пресудата.

Обвинетите лица треба да платат кривичен паушал од по 4.000 денари.

Основниот суд во Тетово со пресудата ги упати сите оштетени лица од пожарот во модуларната болница во Тетово, своите оштетни побарувања да ги бараат во дополнителен спор.

Ова е првостепена пресуда за случајот и постои можност одбраната или обинителството да поднесат жалби до Апелацискиот суд.

Во стравотниот пожар што ја претвори во пепел модуларната болница во Тетово, загинаа 14 пациенти кои се лечеа од Ковид-19, но и членови на нивните семејства кои беа внатре. Четиринаесет лица беа спасени пред целосно да изгори објектот.

Судењето за пожарот во тетовската модуларна болница почна лани, на 7 декември.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Георгиева од ЗЛС

Георгиева од ЗЛС: Во мандатот на Филипче освен плата, приватните специјализанти добија и платени дежурства (ВИДЕО)

Пред 2018 година не постоеше никаков надоместок за приватните специјализанти, значи таа категорија на лекари …