Дворјани

Дворјани

Пишува: Зоран Милошески

„Овој град има свој олош кој десетици години живее повлечен, раштркан и привидно припитомен, но кој во вакви прилики, според законите на некоја незнајна општествена хемија, одеднаш се обединува и пламнува како прикриен вулкан, повраќајќи оган и кал од најниски страсти и нездрави посакувања. Таа маса на лумпенпролетеријат и ситно, гладно граѓанство, го сочинуваат луѓе различни по своите верувања, навики и начин на облекување, но единствени по внатрешната вродена и подмолна суровост и дивина и нискост на своите нагони“.

„Госпоѓица“, Иво Андриќ

Почит и совест. Именки од женски род. Првата означува чувство на уважување кон некого, втората, чувство на морална одговорност за своите постапки. Како резултат на свесното одбивање да се прилагодат на (не)пишаните правила на новото време, и двете доброволно се построија во колоната „доблесни категории во изумирање“.

Благодарност за подадената рака. Милосрдие за сиромашните. Емпатија за немоќните. Утеха за несреќните. Љубов за сите… Некогаш било, сега само се раскажува.

Каде згрешивме? Која е причината за ваквата ерозија на моралот и моралните вредности? Од каде толку злоба, завист, алчност и лошотилак меѓу луѓето? Отсекогаш сме биле вакви, или само се прилагодивме на новонастанатите услови? Беа ли тоа, некогаш, времињата подобри, или подобри бевме ние?

Инволвираноста на политиката во секој сегмент на нашето живеење, ги девалвираше сите општествени норми и вредносни критериуми. Домашното воспитување, пристојноста, чоештилакот, вредностите… се изгубија некаде во меѓупросторот на беспоштедната и безмилосна трка по функции и пари.

Кој наумил – зел диплома. Кој сторил ниет – политичар станал. Кој намнисал – директор биднал.

За остварување на личните цели, конкурентни станаа некои други „квалитети“ кои ширум ги отвораат вратите на кариерниот развој. За нешто повеќе од просечните дострели – треба нешто повеќе.

Колку исклучоците од правилото се доволни за задржување на оптимизмот дека работите, сепак, можат да се стават во колосек и дека можат да добијат нормален тек? Можно ли е враќање на времето во кое скромноста, образованоста, знаењето и стручноста беа предност и доблест, а не хендикеп и мана?

Иако прашањата се реторички, во нивната суштина се кријат многу одговори.

Меѓу другото и одговорите за причините за драстичниот пад на членството на подмладоците на политичките партии. И тоа на оние двете, најголемите и најмоќните, кои толку многу се колнеа во бројноста на локалните клубови и младите сили. Нивните некогашни армии од млади луѓе, денес се обични чети, со тенденција за натамошно намалување на „воената формација“.

Токму тоа, губењете на интересот на младите за активен партиски ангажман, е јасен сигнал дека сениорите ептен ја прекардашиле работата. Дека некогашните политички мастодонти, полека но сигурно, ја губат својата кредибилност.

Зошто?

Заради тесните и затворени кругови од одбрано „елитно“ друштво, каде тешко се влегува, уште потешко се излегува. Заради едноличноста и неменливоста на првите партиски состави. Заради едните те исти ликови кои пораснаа, созреаја и остареа на државна цицка.

Заради „намирисаните“ функционери на високи позиции, кои ниту во својот најкошмарен сон не сакаат да слушнат критички тон за нив „безгрешните“. Заради мноштвото некадарни локални директорчиња и раководителчиња, чиј коефициент на интелигенција е идентичен со бројот на чевли кои ги носат. Заради нивната неспособност да придонесат за доброто на државата, општината, партијата, заедницата во која живеат.

За што уште?

Заради празните и ситни души инфилтрирани во една или друга партија со цел, ако е некако можно, својата недарбина на чесен и достоинствен начин да заработат за леб, да ја компензираат со понизност, послушност и безпоговорна верност кон оној кому своеволно одбрале да му дворуваат. Заради бездушниците кои не разбрале дека не постои протеза за ампутирана душа.

Заради сите оние кои колку повеќе ги запознаваш, толку помалку ти недостигаат.

Ете затоа младите и образовани генерации одмавнуваат со главите кога е во прашање партиската книшка, сеедно со која боја. И затоа нивниот интерес за  вработување во државните институции, во локалните самоуправи ќе биде се’ помал. И не само тоа, туку и оние таму затекнатите со едната нога се на излезна врата. Со право.

Оти нивното достоинство не им дозволува животот да им помине во некое темно и депресивно административно дувло, во кое највисокото ниво во кариерата ќе им биде „помлад референт“. Оти институциите вријат од наши, македонски ендемски сорти на Шојиќ и Пантиќ.

Алармот и црвеното светло одамна се вклучени, прашањето е – сака ли некој да го види тоа?

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Денес е тежок удар за европската перспектива, но, се уште не е доцна да се …