Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера беше во посета на Украина, на официјална покана на неговиот украински колега, претседателот на парламентот на Украина, Руслан Стефанчук, при што имаше средба и со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Џафери, беше и во населбата Буча и градот Ирпин, каде руските војски извршија масакр на стотици цивили во текот на нивната окупација, соопшти Собранието на РСМ.
Џафери изрази поддршка на Украина во свое име и во име на македонската држава.
„Ја прифатив поканата и лично да ги посетам Буча и Ирпин за лично да ги согледаме последиците од она што е инвазија на Руската федерација врз Украина. Секако, моето присуство е симбол на лична, институционална и поддршка на граѓаните на Република Северна Македонија за народот на Украина и институциите на Украина“, порача Џафери.
Тој потсети дека слични грозоморни настани се случија и не толку одамна на Балканот и при посетата на двете населени места виденото го оквалификува како доказ за геноцид.
„На нас од Западен Балкан ни се свежи сеќавањата од ваквите слики што ги гледавме не подолго од две децении претходно, свеж ни е Речак во Косово, свежа ни е Сребреница во Босна и Херцеговина и секако мислам дека ние најдобро ве разбираме и знаеме што значат овие слики што ги гледаме овде. Секако, лично ќе се залагам овие слики да го добијат правото име што им следува, а тоа е геноцид и ништо друго“, порача Џафери.
Оваа посета на претседателот Џафери е прва од овој вид на висок претставник од регионот и прва посета од сите нивоа на власт во Република Северна Македонија, соопшти Собранието.
При средбата во главниот град Кијив со неговиот колега Стефанчук и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, Џафери потсети на одлучноста на македонскиот парламент да ги осуди воените злосторства извршени од силите на Русија и на инвазијата на Украина што оваа земја ја почна пред повеќе од два месеца.
„Усвојувањето на „Декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“ на 3 март во нашето Собрание; како и ко – спонзорирањето на резолуции и иницијативи кои бараат Русија веднаш да престане со употреба на сила во Украина и да ја повлече својата војска ја потврдуваат нашата цврста, недвосмислена и решителна поддршка и солидарност со украинскиот народ“, порача претседателот на Собранието.
Џафери подвлече на важноста на проширувањето на ЕУ за зголемување на безбедноста и стабилноста во Европа.
„Овој акт на агресија уште еднаш потврди колку е значајно проширувањето на Европската Унија за безбедноста, стабилноста и демократската консолидација на Европа. Благодарност до сите борци за слобода во Украина што во воени услови ни овозможија безбедно да допатуваме во Украина и што го делат лебот со нас“, порача претседателот на Собранието.