Еден јавен и еден таен протокол, дел од мерките за лажните дојави за бомби

По пет месеци лажни дојави за бомби, надлежните министерства дури сега објавија мерки како да се реагира кога тие се случуваат, една тајна од МВР и една од Министерство за образование за родителите, која и досега функционираше во поголем дел од скопските училишта.

Родители не влегувајте во училиштата без претходна најава, е една од мерките што и досега функционираше во поголемиот дел од скопските училишта, а сега е дел од новите протоколи против дојавите за бомби, за кои директорите на школите по телефон ги известија родителите.

Упатствата, како што велат директорите, се наменети за безбедност на децата а се однесуваат на родителите, не се разликуваат многу од оние препораки кои важеа за време, но и по пандемијата со ковид-19 . Оттогаш родителите не смеат да влезат во училиштето без да се најават или да се запишат во тетратките на дежурните ученици. Тие веќе три години децата ги оставаа пред влезната врата на училиштето каде што наставниците од одделенската настава ги преземаа.

Дури откако дојавите за бомби влегоа во петтиот месец, премиерот Димитар Ковачевски во Владата денеска ќе седне на маса со министерот за внатрешни работи и за образование за да дискутираат околу нови мерки за справување и како што вели целосно неутрализирање на овој проблем

„За да се спречи напуштање на училиштата, МВР и МОН секојдневно работат со цел да се изнајде начин како да се спроведат процедури кои ќе обезбедат сигурност дека се работи за лажна дојава на бомба, а децата да можат да посетуваат настава. И јас сум родител и се соочувам со истите проблеми во однос на школувањето на децата“, вели Ковачевски.

Според него земјава не ја загубила, како што вели, оваа сајбер -битка која е дел од војната што се води во Украина.

Зачестените дојави кои во изминатава недела го достигнаа и пикот, во над 120 училишта во еден ден, доведе до тоа, конечно Министерството за внатрешни работи ( МВР) и министерството за образование (МОН) да објават дека направиле одредени усогласувања, без да кажат какви.

Дополнително, министерот за образование Јетон Шаќири најави дека властите размислуваат да не се земат предвид дојавите пристигнати на електронска пошта, затоа што маилот не е законска задолжителна комуникација меѓу инститициите, но за тоа ќе каже полицијата.

„Дел од училишта дојавите ги добиваат во другите училишта, немаат отворено меаил во текот кога е пристигната дојавата. Но затоа што, маиловите се испраќаат во една група, кај сите, и тогаш податокот добиен од МВР, реагира, и во училиштата каде што не го имаат отворено меилот,“ вели Шаќири.

При анализите ќе се земат искуствата од соседните земји, додаде тој.

На пример во Србија во изминатиот период драстично се намалија дојавите за бомби, особено во главниот град Белград. Српските медиуми шпекулираа дека за да се дестимулираат испраќачите државата тивко решила да не ги објавува дојавите.

Можеби ова е добра идеја вели професор, Злате Димовски, од Факултетот за безбедност, но вакви работи тешко може да се сокријат.

„Се случува кај популацијата која најмногу нè засега, кај нашите деца и во одредени јавни институции, и да јавиме и да не јавиме, најголемиот дел од граѓаните повторно ќе дознаат,“ вели Димовски во интервју за Радио Слободна Европа.

Од МВР засега најавија апјдет на протоколот за дејствување при дојава за бомба во антитерористичките акции за проверка, ама не споделија детали што ќе значи тоа за наставата која досега речиси секојдневно се прекинува поради закана од експлозивни направи.

МВР која досега по секоја најава за бомба излегува на терен, врши антитерористички проверки и ги евакуираа децата и наставниците, сега бараат одговори од другите безбедносни институции, што тие сами направиле за да ја зголемат безбедноста.

„ Доколку има институции кои не преземале одредени активности од своја надлежност, а биле должни да ги преземат, ќе го известиме и Јавното обвинителство“, изјави кусо за темата министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Полицијата го апдејтираше упатството за борба против тероризам, но од МВР денеска никој не одговара на прашањето околу деталите.

Истрагата за лажните дојави за бомби трае со месеци, засега во јавноста нема информации до каде е, освен дека неколкумина се осомничени за „тероризам“ поради испраќање на лажни дојави за бомби до неколку училишта. Учениците речиси пет месеци со денови губат настава, а од МОН дури минатата недела се сетија да препорачаат во деновите кога има настава да се префрлаат на он лајн настава. Дополнително и матурантите во ваква атмосфера ќе треба да полагаат матура.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Руски агенти во мантија

Малку е познато дека и пред Васијан Змеев руските агенти во Македонија вршат непријателска дејност …