Една година во НАТО- безбедносно стабилни, економски слаби

Една година во НАТО- безбедносно стабилни, економски слаби

Една година по приемот на Северна Македонија во НАТО, од Евроатланскиот Сојуз во земјава велат дека државата е стабилна од безбедносен аспект. Економските и политичките придобивки очекуваат да се случат во следниот период, откако ќе помине пандемијата со ковид 19

Годината која во целост ги промени животите на сите, беше и годината во која Северна Македонија стана полноправна членка на НАТО. Очекувањата големи, но ретко кој размислуваше за придобивките од членството во најмоќниот воен сојуз.

Една година подоцна аналитичарите велат дека во безбедносна смисла членството во Алијансата дополнително ја загарантирало стабилноста и ги зајакнало воените капацитети, а истовремено ја трансформирала Армијата во согласност со стандардите на НАТО.

Првиот човек на Евроатланскиот Сојуз во земјава Исмет Рамадани вели дека придобивките во однос на безбедноста се тука, но поради пандемијата некои очекувања не биле исполнети до крај.

„Ние поминавме низ една пандемија која се уште трае и е алармантна и се разбира дека одредени сегменти не можеа да дојдат до израз во тоа што е економски развој, развој на демократијата, правдата итн и сето тоа малку се приметува. Но, истовремено ние сме присутни во НАТО, па еве на последната седница на ниво на министри ние рамноправно ги делиме предизвиците кои стојат пред Алијансата. Последните заклучоци се дека НАТО сериозно треба да преземе мерки за да ја подигне безбедноста на највисоко ниво поради продорот на Русија, Кина и други авторитарни земји, кои дури и преку вакцините се обидуваат да бидат присутни во земјите членки на НАТО“, вели Рамадани.

Од Евроатланскиот Сојуз посочуваат дека придобивка во првата година е и модернизирањето на воениот центар за обука Криволак, кој веќе беше домаќин на голем број американски и сојузнички војници во повеќе воени вежби.
Додаваат дека придобивките од членството се забележуваат и во однос на безбедноста на нашето небо, кое е радарски „покриено“ и обезбедено со борбени летала преку програмата на „Ер-полисинг“.

Но покрај безбедносните придобивки, дел од аналитичарите потенцираат дека во државата не се забележале придобивките на економски или политички план. Професорот по економија Зоран Ивановски вели дека во услови кога целата светска економија е погодена од кризата, тешко може да се очекуваат позитивни промени и во земјава.

„Несомнено е дека ако ги анализираме финансиските пазари ќе утврдиме дека се големи придобивките од членството, затоа што за разлика од 2008 година кога не влеговме во НАТО и кога се случи пад на макеоднката берза од 10 провценти за еден ден, сега барем немаме пад на берзанските индекси, туку нивен пораст. Од тој аспект немаме загуба. А во делот на економските придобивки јасно е дека ова членство заедно со безбедносната стабилност е амбиент кој го посакуваат инвеститорите и оттука вистинските ефекти ги очекуваме во иднина. Изминатата година не може да се третира реално за да се проценат ефектите кои земјава ги има од членството во Алијансата“, вели професорот Ивановски.

Како пример за економски бенефит од членството во НАТО аналитичарите ја посочуваат соседна Бугарија каде што една година по влезот во НАТО, инвестициите пораснале за цели 36 проценти.

По повод годишнината од приемот во НАТО денеска во Скопје е Командантот на Сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк, кој се наоѓа во официјална посета на Северна Македонија.

Инаку, пред два дена генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг истакна дека Македонија е високо ценета членка на НАТО која има значаен придонес во мисиите и операциите на Алијансата. Тој напомена дека македонските војници покажале, храброст, посветеност и професионалност во извршувањето на сите свои задачи.

„Најпрво многу сум горд што во петок ќе можеме да ја прославиме годишнината од зачленувањето на Македонија во НАТО. Ова е добро за Македонија и за сите сојузници во НАТО и исто така сме благодарни за придонесот на Македонија во мисиите на НАТО вклучително и во Авганистан. Се сретнав со војници од Македонија и тие покажаа храброст, посветеност и професионализам при нивната служба во мисиите и операциите на НАТО. Уште еднаш сакам да кажам дека Македонија е сојузник во Алијансата од големо значење и пристапот на Македонија во Алијансата демонстрира дека врата на НАТО е отворена“, рече Столтенберг.

Власта уверува дека членството во НАТО ја гарантира иднината на нашата држава и на нашите граѓани, бидејќи како членка на Алијансата тесно соработуваме со 29 земји сојузници со цел надминување на современите предизвици и закани за одржување на безбедноста и мирот во светот.

Северна Македонија веќе трета година по ред бележи континуитет во зголемувањето на одбранбениот буџет при што во 2021 година тој е проектиран на 1.57% од БДП, со што нашата држава е на пат до 2024 година да го достигне нивото од 2%. Оваа година обезбедени се повеќе од 25% од одбранбениот буџет за опремување и модернизација на вооружените сили.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

земјотрес

Во Берово и Пехчево почуствуван земјотрес со јачина од 3,2 степени

Според досегашните податоци, земјотресот е почувствуван од жителите овие подрачја, а интензитетот се движи од …