ЕП во фудбал - доказ дека МРТ е збирштина на партиски војници

ЕП во фудбал – доказ дека МРТ е збирштина на партиски војници

Пишува: Зоран Милошески

Спортот ги поврзува и обединува луѓето, народите, нациите, државите. Спортот прави да се радуваме или тагуваме, да сме еуфорични или безволни. Заради спортот и војни запирале.

Хендикепот од недостиг на големи спортски достигнувања и вистински успеси на наши спортисти, спортски клубови и репрезентативни селекции, на освоени титули од европски и светски првенства или Олимписки игри, го спушти прагот на нашите очекувања и ни овозможи да се радуваме на мали и, наизглед, безначајни резултати.

Учеството на нашата фудбалска репрезентација на Европското првенство, беше еден таков случај – ретка можност за мали радости. Се радувавме на постигнат гол, на добро изведена акција, на индивидуален потег, на успешна одбрана, на потенцијална шанса, на полушанса. Времето на одигрување на трите натпревари ги испразни улиците во сите градови и села. Со ист жар за Пандев, Барди, Алиоски, Елмас, Димитриевски… навивавме и ние пред малите екрани и тие на стадионите во Букурешт и Амстердам.

Верувам оти е неподелено мислењето дека квалитетот на нашиот репрезентативен состав е значително поголем од постигнатиот резултат. Дека неискуството и импресионираноста на мнозинството од играчите од сознанието дека се дел од европската и светска фудбалска елита, им ги врза нозете. Затоа, не треба да бидеме престроги кон нашите спортски амбасадори, оти безрезервната поддршка и заслуженото признание кое ќе им го искажеме, ќе бидат мотив за постигнување подобри резултати. Не само за нив, туку и за сите спортисти кои (ќе) го носат дресот со државниот грб.

Она кое го помати комплетниот впечаток од фудбалскиот „фестивал“ во кој беа вперени очите на целата светска (не само) спортска јавност, беше, уште еднаш, спортската редакција на Македонската радиотелевизија. Или поточно, дел од коментаторите кои ги работеа фудбалските преноси.

Едниот од нив, Тони Стојановски, со својот пристап кон големиот спортски настан, покажа зошто МРТ никако не можеме да ја наречеме „јавен сервис“, уште помалку пак респектабилен и професионален медиум.

Во својата петнаесетминутна воведна беседа на првиот натпревар на нашата репрезентација на ЕП, дотичниот зборуваше за политика, религија, вера, име на државата, источни и јужни соседи… за се’ освен за тоа што му е работа и за што е платен да зборува – за фудбалот, за нашите репрезентативци, за дебитантскиот натпревар на македонската репрезентација на големите фудбалски приредби.

Во очекување дека ќе добиеме информации кои ќе ни го олеснат следењето на натпреварот, дека коментаторот ќе не’ „бомбардира“ со нови, за нас непознати статистички податоци, останавме непријатно изненадени од неговата партиска обоеност и вулгарното политизирање на натпреварите на македонската фудбалска репрезентација.

Наместо дополнителен адреналин за подигнување на навивачката еуфорија, на дело го видовме второто „јас“ на д-р Латас, кој во времето на груевизмот секое издание на вестите на „Сител“ го претвораше во предизборен митинг на злосторничкото здружување.

Што да се каже, пак, за последниот натпревар со Холандија, кога на виделина излезе сиот анимозитет кој истиот тој коментатор, заедно со неговиот професионален партнер, го манифестираа кон премиерот Заев?

Иако режисерот на преносот во повеќе наврати се фокусираше на присуството на македонскиот и холандскиот премиер на „Јохан Кројф“ Арената, ниту еден од двајцата коментатори не смогна сили да се надмине себеси и со зборови да го каже она што во повеќе наврати го регистрираше камерата. Не заради било кој од двајцата државници, туку заради професионалниот однос на новинарот кон професијата.

Таман помисливме оти заробените умови на новинарските пера облечени во „дресот“ на опозициската ДПМНЕ се ослободиле од стегите на „патриотскиот“ вокабулар, дека ги оставиле зад себе малоумните квалификации од типот на „нашиот јужен сосед“, господата од спортската редакција на МРТ ни ја разбија илузијата.

Доколку именуваниот Стојановски смета дека поседува квалификации и предиспозиции за политички аналитичар или коментатор, можеше уште вчера да направи „трансфер“ од спортската во надворешно-политичката редакција на „јавниот сервис“. Со тоа, ем ќе ги поштедеше љубителите на фудбалот од невкусните и партиски обоени коментари, ем истовремено ќе ослободеше место за млади и нови спортски коментатори на кои импровизацијата и аматеризмот им се туѓи и несвојствени.

Спортските коментатори, како и сите новинари, генерално, се луѓе од крв и месо кои, меѓу другото, идеолошки припаѓаат или имаат одредени симпатии кон една или друга политичка опција. И тоа не е воопшто страшно. Проблемот настанува кога ќе се измешаат „лончињата“ и кога инструирани и лоботомирани партиски послушници ја вмешуваат политиката таму каде не и’ местото. Кога со својата слепа послушност кон партиската „кауза“, го сеат семето на злото секаде каде ќе стигнат.

Посочениот пример е уште една потврда дека МРТ е збирштина на партиски војници, за кои навременото и објективно информирање е мислена именка, кои немаат ниту знаење, уште помалку желба да го вратат достоинството и угледот на некогаш почитуваниот темелник на македонското новинарство. Сигурен сум дека на малкутемина професионалци кои останаа во џиновското здание покрај Вардар, воопшто не им е сеедно што се дел од медиумската куќа која по секоја основа доживеа вртоглав пад. Што работат со „колеги“ кои снимаат прилози по нарачка на партиските штабови и на политичките и бизнис олигарси, кои новинарството го сведоа на нивото на „најстарата професија во светот“.

Оти, ниту вистинските вљубеници во спортот сакаат да слушаат онакви „партиски перачи на мозоци“, уште помалку пак спортистите заслужуваат дефокусирање од нивните спортски квалитети и нивна (зло)употреба во било чии партиско-политички кујни.

Прочитајте повеќе

Камшикот, од блиску дојде

Камшикот, од блиску дојде

Сумираната парола од вчерашните избори е „ви помина ли меракот?” Бидејќи, Македонија вчера гласаше „против“. …