ЕУ постигна компромис за намалување на потрошувачката на гас

ЕУ постигна компромис за намалување на потрошувачката на гас

Земјите-членки на Европската унија (ЕУ) одобрија итен план за намалување на потрошувачката на гас, со компромис за ограничување на намалувањата кај некои земји, додека се подготвуваат за натамошни руски намалувања во испораките на гас.

Министрите за енергетика на ЕУ на 26 јули го одобрија предлогот сите членки доброволно да ја намалат потрошувачката на гас за 15 отсто од следниот месец до крајот на март.

Тоа намалување може да стане задолжително во итен случај, но министрите се согласија да изземат голем број земји и индустрии, по отпорот на некои влади на првичниот предлог на Брисел да се наметне обврзувачко намалување од 15 отсто за секоја земја-членка.

ЕУ ги повика членките да го зачуваат гасот и да го складираат за зима за да се компензира за потенцијалното целосно исклучување на рускиот гас како одмазда за санкциите на Западот поради војната на Москва со Украина.

На 25 јули Газпром објави дека протокот на гас за Германија преку гасоводот Северен тек 1 ќе се намали на 33 милиони кубни метри дневно од 26 јули.

Тоа е половина од сегашните протоци кои веќе се намалени на 40 отсто од нормалниот капацитет.

Чешкиот министер за индустрија и трговија Јозеф Сикела, чија земја во моментов претседава со ЕУ, го поздрави исходот од состанокот како модел на европска солидарност.

„ЕУ е обединета и солидарна“, најави Сикела.

Ирска и Малта, кои не се поврзани со гасоводните мрежи на други земји од ЕУ, се меѓу изземените земји.

Двајца претставници на ЕУ изјавија дека Унгарија чијшто десничарски националистички премиер Виктор Орбан одржува топли односи со рускиот претседател Владимир Путин, беше единствената земја што се спротивстави на договорот.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Трамп пред суд: Прв кривичен процес против екс-претседател

Трамп пред суд: Прв кривичен процес против екс-претседател

За првпат во американската историја денеска почнува кривичен судски процес против еден поранешен американски претседател. …