Европа планира да одвои милијарди евра за активности во вселената

Европа планира да одвои милијарди евра за активности во вселената

Европските министри за истражување денеска и утре се на средба во Париз за да се договорат околу издвојување на буџет од 18,5 милијарди евра потребни за понатамошни активности во вселената.

Според Би-би-си, на агенда на вселенските истражувачи се мисии на Месечината и Марс, како и лансирање на сателити за набљудување на временските услови и шифрирање на глобалните комуникации.

Предложениот буџет за Европската вселенска агенција од над 18 милијарди евра е зголемен за околу 25 отсто, а обезбедувањето на овие средства ќе биде вистински предизвик поради зголемувањето на трошоцита за живот низ целиот континент и бидејќи властите можат да бидат приморани да скратат на трошењата за вселенските истражувања.

„Ова е точно, но дозволете ми да кажам дека пакетот што го имаме на маса од секоја земја-членка на Европската вселенска агенција е оценет како многу привлечен. Никој не вели дека не треба да го правиме ова и секоја земја прави големи напори за да најде пари и покрај економската ситуација“, изјавил генералниот директор на агенцијата, Џозеф Ашбахер.

Членките на Европската вселенска агенција се среќаваат на секои три години за да постигнат договор околу агендата и финансирањето на проектите. Би-би-си појаснува дека сите земји мора да ги поддржат научните истражувања, за што е потребен буџет од најмалку 3,1 милијарда евра, додека за останатите проекти, земјите-членки се обврзуваат на доброволна основа. Притоа, Европските власти се свесни дека заостануваат кога станува збор за „вселенската трка“, бидејќи САД, Кина и Русија инвестираат значително многу повеќе средства во нивните вселенски агенции.

Меѓу проектите за кои треба да бидат обезбедени повеќе средства е и проектот „Ирис 2“ за безбедно поврзување, со кој Европската комисија планира да развие мрежа од сателити за широкопојасен интернет. За разлика од „Старлинк“ на Илон Маск, овој проект ќе се фокусира на владините услуги во Европа, а вкупните трошоци за „Ирис 2“ се очекува да достигнат 6 милијарди евра.

Европската вселенска агенција е тело независно од Европската унија. Иако двете имаат заеднички земји-членки и соработуваат за одредени проекти, сепак се различни субјекти. Па така, и покрај напуштањето на ЕУ, Велика Британија и понатаму е дел од Европската вселенска агенција.

Токму Обединетото Кралство го создаде роверот наречен „Розалинд Френклин“ со кој е предвидено да се истражува на површината на Марс. За да слета на оваа планета, на проектот му се потребни 700 милиони евра, а околу половина од нив ќе бидат побарани на средбата во Париз.

По завршувањето на средбата утре, се очекува Европската вселенска агенција да ги соопшти имињата и на новата генерација на европски астронаути, први регрутирани од 2009 година.

Прочитајте повеќе

Трамп пред суд: Прв кривичен процес против екс-претседател

Трамп пред суд: Прв кривичен процес против екс-претседател

За првпат во американската историја денеска почнува кривичен судски процес против еден поранешен американски претседател. …