Филипче: Подготвени се листите за вакцинација на здравствени работници и хронични болни

Според утврдениот Национален план за имунизација на населението, вакцинацијата против ковид-19 ќе се спроведе во три фази. Во првата фаза ќе се вакцинираат здравствените работници кои се висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција, а со нив ќе се вакцинираат и постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест и компликации и смрт, односно лица постари од 70 години.

„Како приоритет здравствените работници веќе ги имаме со име и презиме како ќе примаат вакцини, тука во Клиничкиот центар во еден пункт, а во останатите градови во здравствените домови таму кадешто се аплицираат вакцините. Во однос на останатите граѓани, согласно возраста и хроничните болести веќе е направен списокот со име и презиме на 14.000 луѓе, кои ќе бидат повикувани само преку матичните лекари, а преку системот „Мој Термин“, истакна Филипче.

Филипче потенцираше дека последната препорака е дури и граѓаните кои биле заболени после месец дена без разлика дали имаат или немаат антитела се вакцинираат. Единствената контраиндикација за вакцинација е да имаат некаков симптом на болеста и само во тоа сценарио граѓанинот нема да се вакцинира.

Министерот за здравство говореше за Националната стратегија за вакцинација која ја изработија Министерството за здравство и Националната работна група за вакцинација, а Владата ја усвои на 26 јануари. Стратегијата е изработена врз основа на постојните препораки и основните принципи на СЗО, Стратешка советодавна група на експерти (SAGE), Организација COVAX и регулаторни тела за EMA и FDA, како и релевантни национални институции и комисии во земјата.

Овој документ постојано ќе се ажурира и ќе се обликува според препораките специфични за вакцините кои се развиваат низ целиот свет и во земјата, нагласува Министерството за здравство.

Во втората фаза, ќе се вакцинираат групите на постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртен исход кои не се опфатени во првата фаза, лица на возраст од 65 години и постари. Во планот за вакцинација, опфатени се и лицата на возраст од 20-65 години со коморбидитети или здравствени состојби детерминирани како значително висок ризик за стекнување на тешка болест, компликации или смртен исход. Во оваа група се си здравствени работници со умерен ризик да стекнат и пренесат инфекција, вработени во витални институции за нормално функционирање на општеството, како и вработени во образовни институции вклучени во настава со физичко присуство и вработени во детски градинки.

Во третата фаза, опфатени за вакцинација се приоритетните групи: останати есенцијални работни места за нормално функционирање на општеството, останати вработени во образование (основно, средно и високо), социјалните групи со зголемен ризик од стекнување и пренесување на инфекција затоа што не се во состојба да одржуваат физичка дистанца, здравствените работници со низок ризик да стекнат и пренесат инфекција и здравите лица на возраст од 30-64 години.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Фондацијата Метаморфозис со конкурс за годишна награда „Илија Жупаноски“ за справување со дезинформации

Ќе бидат доделени две годишни награди во две категории: Најдобар новинарски труд, односно стручен труд …