Филипче: Во среда започнува вакцинирањето на граѓаните над 75 години

Филипче: Во среда започнува вакцинирањето на граѓаните над 75 години

Министерот за здравство Венко Филипче денеска информираше дека во среда ќе започне вакцинирањето на 20.000 пријавени граѓани кои се над 75-годишна возраст и се во хронична група на заболени, со вакцината на „Оксфорд-Астра Зенека“. Тие треба да бидат исконтактирани преку матичните лекари согласно местото на живеење и да се утврди на кој пункт ќе бидат вакцинирани.

Филипче додаде дека од утре ќе почнат подготовките на спортскиот центар „Борис Трајковски“ каде што на 30 вакцинални пунктови ќе започне вакцинацијата откако ќе пристигнат дополнителни количини од Кина во април. Тогаш се очекуваат и вакцините од „Фајзер/Бионтек“, а со компанијата оваа недела треба да се потпише трипартритен договор со земја-членка на ЕУ. Оттука, како што потенцираше Филипче, во април се очекува и помасовна вакцинација.

Како што додаде министерот, поради притисокот и барањето за дополнителни кревети, дел од хируршките клиники и педијатрија се пренаменети за ковид-пациенти при што се ослободени дополнителни 100 кревети. Утре, пак, еден кат од Центарот за рехабилитација во Козле ќе биде наменет за 40 пациенти за кои има кислородна поддршка, а доколку има потреба ќе бидат преанементи сите 180 кревети.

Филипче истакна дека има големи притисоци врз болниците во Куманово, Штип, Кочани, Струмица, а во Кавадарци имало сериозно намалување на инциденцата на заболени, што според министерот дава за право да се надеваат дека полека вирусот ќе попушта имајќи предвид дека после од шест до осум недели, бројките ќе се намалуваат. Во Тетово, Гостивар и Велес имало доволно капацитети, а во Прилеп и Битола не биле во функција модуларните болници.

Филипче истакна дека не се решава само проблемот со број на кревети туку и со кадар, се прави план кој, каде и како ќе работи под супервизија на интернисти од Клиниката за Пулмологија, кои се во доволен број. Оттука, рече министерот, нема потреба од ангажирање на лекари од приватните болници.

Министерот за здравство негираше дека кој било министер во Владата е вакциниран против ковид-19 и рече дека тие вести се производ на ВМРО-ДПМНЕ и ги замоли ако до сега не помагале, барем да не одмагаат во менаџирањето на кризата.

Тој изјави дека лично ќе се вакцинира со вакцината на „Оксфорд-Астра Зенека“ за да покаже дека таа вакцина е безбедна. Филипче рече дека ќе почека да дојдат поголеми количини од оваа вакцина во април и тогаш ќе се вакцинира.

Со министерот за здравство на Србија Златибор Лончар, разговарал да ги добие податоците од македонските граѓани кои се вакцинираа во Србија за да се заведат во систем, а и за ревакцинацијата која ќе биде за три месеци, да се вакцинираат овде.

Филипче уверува дека сите вакцини се безбедни, бидејќи тие претходно ги поминале сите контролни механизми и затоа ќе даде пример, за да ги отфрли неоснованите сомнежи за безбедноста на АстраЗенека.

Засега нема препораки за нови мерки бидејќи, според министерот, една рестриктивна мерка заедно со одговорно однесување на граѓаните може да ги даде саканите резултати.

Директорот на ковид-центарот на Интерните клиники Дејан Докиќ рече дека здравствената криза успешно се менаџира и кај нас смртноста на 1.200 лекувани лица е 25 отсто, што било во рамките на европскиот просек кој е од 22 до 30 проценти. Тој вели дека нашите пациенти се лекуваат по европски протокол и се даваат сите потребни терапии. Докиќ истакна дека лекувањето не е хаотично и има доволен број на пулмолози.

Тој исто така не може да тврди дека британскиот сој давал тешка клиничка слика, бидејќи не е познато дали некои од пациентите доаѓаат доцна на лекар.

За вакцините истакна дека сите се безбедни и може кај одредени пациенти да предизвикаат болка во раката, оток, малаксаност, не многу висока температура, болки по тело кои поминуваат за еден ден. Докиќ рече дека сите овие вакцини засега штитат од мутираните соеви на ковид-19.

За статусот кој се споделувал во негово име смета дека има за цел да ја поткопа довербата во јавното здравство и го смета за кривично дело, поради што ги презел сите потребни мерки.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Да се скратат часовите поради топлото време, препорачува МОН

Да се скратат часовите поради топлото време, препорачува МОН

Одлуката на надлежните следува откако родители реагираа на социјалните мрежи и негодуваа децата да бидат …