Формирана е нова секција за млади новинари при ЗНМ

Вчера, по иницијатива на група на млади новинари од повеќе различни медиуми беше формирана секција на млади новинари при Здружението на новинарите на Македонија.

„На состанокот на кој имаше четириесетина учесници се дебатираше кои ќе бидат приоритетите и целите на оваа секција во 2022 година. Вмрежување меѓу редакциите, подобрување на социоекономскиот статус на младите новинари, надградување на вештините за напредно известување и почитување на стандардите во новинарската фела беа дел од темите за кои се разговараше на форумот“, соопштуваат од Здружението.

На настанот со поздравни обраќања се обратиле претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, Сашка Цветковска која е координатор на иницијатива за формирање на Секција на млади новинари при ЗНМ.

Фото: Здружение на новинарите на Македонија

„Целта на формирањето секцијата пред сè е да се афирмира новинарството како атрактивна професија, од причина што денес има сè помалку интерес за истата и многу редакции се соочуваат со сериозен проблем да најдат новинари. Освен ова, со секциите се цели кон градење на поголема солидарност во новинарската професија и на дополнително надградување на знаењата како професионалци во секторот“, рече во своето обраќање Драган Секуловски, извршниот директор на ЗНМ.

Покрај популаризацијата, од ЗНМ велат дека секцијата во иднина, преку градење на капацитетите ќе им овозможи на младите новинари да добијат можност да слушнат искуства од други медиуми и историски преглед како се менувале работите, и да се доближат до професионалните стандарди и црвените линии во професијата.

„Една од стратешките цели на ЗНМ и од особена важност при формирањето на оваа иницијативна секција е градењето на капацитетите и унапредувањето на условите за работа во редакциите. Од голема важност е и подобрувањето на соработката на младите новинари со своите поискусни колеги во редакциите. Ваквата соработка ќе придонесе за поактивно вклучување на младите во креирањето на професионален амбиент за работата на новинарите“, истакнуваат од таму.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Победник на вечерта: „Опенхајмер“ освои седум Оскари

Филмот „Опенхајмер“ ја оправда фаворитската улога на 96. доделување на најпрестижните филмски награди во светот. …