Ѓоргиевска

Ѓоргиевска: Да апелираме на хуманост, солидарност и емпатија – да ја зголемиме свеста дека со трансплантација и органодарителство се спасува живот

Сопругата на претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска денеска учествуваше на панел-дискусија на тема донирање органи и трансплантација “Што е направено? До каде сме? Каде одиме?“.

Соговорниците дискутираа за едукативните и информативните активности со цел подигнување на свеста кај граѓаните за трансплантација и донирање, за предизвиците на македонскиот дарителски регистар, за тековната состојба,  успешните примери и постигнатиот прогрес во последните години, за законската регулатива и дали се потребни измени, како и за проблемите со кои се соочуваат пациентите на кои им е потребна трансплантација. Својата лична приказна ја сподели Кирил Јанчовски, пациент со трансплантиран бубрег .

Ѓоргиевска во своето обраќање ги поздрави успешните примери на трансплантација, што претставуваат голем исчекор во македонскиот здравствен систем, додавајќи дека знаењето, спремноста на капацитетите и пред се ентузијазмот на сите оние кои се вклучени во процесот и понатаму ќе резултираат со успех.

„Бројките покажуваат дека е направено многу во оваа област, но уште многу може да се направи и во иднина. Најважно е подигнувањето на свеста дека трансплантацијата е едно од чудата на модерната медицина и секогаш треба да апелираме на хуманост, солидарност и емпатија кај луѓето. Кај нас луѓето се хумани, но треба да бидат и информирани. Секојдневно треба да работиме да ја зголемиме свеста дека со трансплантацијата и органодарителството се спасува живот и се подобрува квалитетот на животот кај луѓето“, истакна Ѓоргиевска.

Таа изрази задоволство од оваа серија на успешно реализирани дебати во областа на здравството, како одлична можност за младите лекари да се запознаат со напредокот во одредени области на здравствениот систем. Ѓоргиевска додаде дека во земјава има исклучителни експерти во сите области на трансплантација и дека е особено важно да се посветиме на младите кадри и нивна едукација во светските центри со цел примена на светските практики и најновите трендови.

Во однос на органодарителството и законските регулативи, Ѓоргиевска порача дека треба пред се да се почитува желбата на донорот, но да се има предвид и психолошката состојба на семејствата во тие критични моменти.

Во дебатата учествуваа Никола Брзанов од Клубот на млади лекари, проф. д-р Александар Петличковски, раководител на Институтот за имунологија и хумана генетика, д-р Ирина Пановска – Ставридис, директор на Клиниката за хематологија, д-р Божидар Кочовски од Асоцијацијата на специјализанти и млади, д-р Маја Мојсова Мијовска, Национален координатор за трансплантација, Душко Ѓорѓиев од Здружение на бубрежно болни пациенти НЕФРОН и шефот на Делегацијата на ЕУ, амбасадорот Дејвид Гир.

Тие порачаа дека овие процеси мора да имаат наднационална поддршка, да бидат јасни и транспарентни, да се обезбедат средства од буџетот во насока на јакнење на досегашните процедури и воведување на нови третмански опции за пациентите, подобар мониторинг и подобар квалитет на живот за сите трансплантирани пациенти.

Панел-дискусијата претставува продолжување на серијата дебати на теми од здравството започнати минатата година, со поддршка на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска и амбасадорот Дејвид Гир.

Прочитајте повеќе

Бесплатен влез во музејските институции за 18 Мај, Меѓународниот ден музеите

Бесплатен влез во музејските институции за 18 Мај, Меѓународниот ден музеите

„Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое утре ќе се одбележи Меѓународниот ден …