Годината на Мицкоски

Годината на Мицкоски

Мицкоски се етаблира како лидер на ВМРО-ДПМНЕ без да има идеолошка платформа, најмногу благодарение на фактот дека членството молчешкум го следи првиот човек и поради тоа што го најде идеалното прибежиште – национализмот.

Во основа, Христијан Мицкоски може да биде задоволен од својата прва година во високата политика. Како аутсајдер и во неговата партија и во македонската јавност тој успеа да се етаблира како лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Иако не со целиот капацитет каков што го имаа неговите двајца претходници, очигледно е дека тој веќе ги има конците во свои раце, барем што се однесува до раководните органи. Но не е сосем јасно што се случува со мрежата на теренот и особено со пратеничката група. Кај вмровското членство и неговите поддржувачи има една константа сиве овие години – тие застануваат молчешкум зад лидерот, па макар и не се согласувале со неговите постапки, ставови и одлуки. Тој рефлексен инстинкт на членството му го олесни патот на Мицкоски во неговото етаблирање, кој заедно со огромната  желба инстантно да се прикаже како лидер со политички капацитет, скрши многу недоверби, сомневања, потценувања и перцепцијата за негово дворско инсталирање.

Мицкоски има чувство за новото време и за новите медиуми, па патот кон лидерството го поплочуваше користејќи ги социјалните мрежи на многу екстензивен начин. Тоа го олесни неговиот допир до многумина. Понекогаш тоа може да изгледа поважно од самата содржина на пораките. Неговото појавување речиси секаде каде што ќе го повикаат – во весниците или телевизиите – го направија поинаков од неговите претходници. Тој покажува дека е гладен да се изложи себеси пред јавноста, да се надмудрува со новинарите, да се обидува да поентира, всушност – да се кали како политичар.

Медиумите имаат објаснива воздржаност кон вмровските лидери. Неговиот претходник ги избегнуваше (освен оние што беа партиски испостави) не сакајќи да троши време на незгодни прашања, поинаков вокабулар, на претставите што ги имаа другите за начинот како владее со земјата. Можеби затоа што е опозиционер Мицкоски верува дека медиумската присутност е вистинското гориво кое ќе ја прикаже неговата политичка габаритност и ќе почне да ги креира перцепцииите во јавноста дека еден ден може да биде идниот македонски лидер. Веројатно искуството од професурата му ја олеснуваа таа задача – тој бил во постојан контакт со нормалниот свет, а не требало да созрева во политичките ходници. Изгледа дека тој би се појавувал и секој ден на телевизиите само со постојаното повторување на едни исти теми да може да убеди што е можно повеќе граѓани дека она што го зборува е вистинското. Некои тоа би го нарекле упорност, други желба за докажување, трети дека тоа е камуфлажа за политичка несигурност.

Арогантна нарцисоидност

Тоа е она што него го прави различен од менторот Никола Груевски. Но тоа не е доволно за изградба на еден лидер. Тоа можеби е доволно за влегување во светот на високата македонска политика, но е драматично малку за да стане дел од регионалната политика, а да не зборуваме кога треба да се зачекори на европската сцена. Многумина можат да кажат дека една година е малку за да се конципра лидерство во една толку комплицирана партија како ВМРО-ДПМНЕ, која во исто време е и толку едноставна, но таа година на Мицкоски му даде многу шанси да покаже од каков политички материјал е создаден и да направи отклон од нејзиното националистичко минато, да фати дел од модерноста и да ја стави партијата на друг колосек кој ќе води од десно кон центарот. Наместо тоа, тој се определи да ја забрза локомотивата од десно кон длабокиот десен бескрај.

Неговиот претходник Груевски ја освои наклоноста на граѓаните во првите две години, претставувајќи се како модерен десничарски технократ, кому идеолошката платформа му ја обезбедија редица конзервативни филозофи, социолози, политиколози, плус стручната помош на партиските побратими од Германија. Две години подоцна Груевски помисли дека картата на национализмот е единствената која може да биде победничка во тоа време и ја отфрли идеолошката конзервативна платформа па тргна со брз марш кон автократскиот патриотизам.

Кога ќе се погледне структурата околу Мицкоски јасно се гледа дека нема некоја разработена идеолошка платформа, туку бегство кон идеалното прибежиште на радикалните структури во партијата – национализмот. Примери има многу: од оценките за преговорите со Грција, а потоа потпишувањето на Преспанскиот договор, до окарактеризирањето на оние што извршија упад во Собранието како вистински македонски патриоти, најпосле до бесмислените калкулации со референдумот. Најголемиот проблем на Мицкоски и камарилата околу него е што тој не пројави ни минимална јасна желба да направи отклон од политиката на Груевски во последните 3-4 години, туку само се обиде да ѝ даде една малку помека медиумска глазура, а во основа тој ја помести таа националистичка политика кон радикалниот спектар во неговата партија. Па дури и кон оние христијанско-патриотски друштва, кои неговиот претходник ги користеше како скриена логистика, а Мицкоски јавно кокетира со нив.

За клучното прашање – дали Христијан Мицкоски има внатрешен материјал и карактер да биде следниот лидер на Македонија, проникливиот комуниколог и аналитичар, Петар Арсовски, има прецизни одговори. Еве што вели Арсовски:

„Лидерскиот профил на Мицкоски е составен од неколку елементи. Од една страна, тој е оптоварен со лични елементи: притисокот создаден од фактот што е избран како в.д. на Груевски, неговиот личен синдром на нарцисоидност, недостатокот на искуство кое се манифестира како Фројдовска компензација со арогантност. Тие работи прават за него да биде тешко реално да ја процени ситуацијата, сопствената позиција и објективност, како и да постави реални и правилни политичко-идеолошки цели.

Од друга страна, тој е опкружен и со објективни проблеми: наследи партија која е политички  лепрозна, обвинета со серија кривични прогони од претходните елити, турната на крајната десна страна на политичкиот спектар, меѓународно изолирана и преполнета со националисти, па со тоа заглавена на погрешната геостратешка линија. Во ваква ситуација, тешко дека ќе може да ја преобрази: би требало да признае дека бил грешка, да ги отстрани националистите, да ја ребрендира партијата и да ја направи модерна, прозападна, центар-десница. Овие услови, имајќи предвид дека се кумулирани, засега изгледа дека е новозможно да се отстранат“.

Целиот текст прочитајте го ТУКА

Прочитајте повеќе

Истражување: Еден семестар студентите на Економскиот факултет при УКИМ ги чини над 80.000 денари

Истражување: Еден семестар студентите на Економскиот факултет при УКИМ ги чини над 80.000 денари

Големо мнозинство од испитаниците (83,8%) рекле дека сметаат оти студентите не можат да ги си …