Истражување: Еден семестар студентите на Економскиот факултет при УКИМ ги чини над 80.000 денари

Истражување: Еден семестар студентите на Економскиот факултет при УКИМ ги чини над 80.000 денари

Големо мнозинство од испитаниците (83,8%) рекле дека сметаат оти студентите не можат да ги си дозволат месечните трошоци без да бидат вработени. Студентите велат и дека помошта од државните институции не е доволна

Просечните трошоци за еден семестар, студентите на Економскиот факултет при УКИМ ги чини 81.335 денари или 1.317 евра, покажува најновото истражување на Форумот за образовни промени.

Целта на документот „Студентска кошничка на студентите на Економскиот, Филолошкиот и Медицинскиот факултет“ е да се создаде јасна слика за трошоците на студентите.

„Затоа што кога институциите во земјата креираат финансиски политики кои се фокусираат на младите луѓе, треба да се информирани за студентските трошоци“, велат од Форумот за образовни промени.

Анализата на трошоците била направена преку интервјуа со студенти на Економскиот и Филолошкиот факултет при УКИМ и Медицинскиот факултет при Државниот универзитет во Тетово.

Студентите на Економскиот факултет со самофинансирање плаќаат 12.321 денари за еден семестар и 2.150 денари за други трошоци (ИКСА и административни). Просечните трошоци за секој студент посебно за еден семестар, според истражувањето на Форумот, изнесуваат:

  • За литература: 3.520 ден.
  • За потрошни материјали: 1.400 денари
  • За превоз: 9.348 денари
  • За домување: 26.400 денари
  • За храна: 12.650 денари
  • За рекреација: 14.202 денари

Просечни трошоци за секој студент посебно за еден семестар: 81.335 денари (1.317 евра)
Просечни трошоци за секој студент посебно за една академска година: 162.670 денари (2.634 евра)
До завршување на додипломските студии: 650.680 денари (10.535 евра)

Студентите на Филолошкиот факултет при УКИМ со самофинансирање плаќаат 12.321 денари за еден семестар и 1.250 денари за други трошоци (ИКСА и административни). Просечните трошоци за секој студент посебно за еден семестар се како што следува:

  • За литература 2.012 ден.
  • За потрошни материјали: 760 ден.
  • За превоз: 10.340 ден.
  • За домување: 21.875 ден.
  • За храна: 12.958 ден.
  • За рекреација: 11.758 ден.

Просечни трошоци за секој студент посебно за еден семестар: 72.618 денари (1.176 евра)
Просечни трошоци за секој студент посебно за една академска година: 145.236 денари (2.352 евра)
До завршување на додипломските студии: 580.944 денари (9.406 евра)

Студентите на Факултетот за медицински науки при Тетовскиот универзитет со самофинансирање плаќаат 12.321 денари за еден семестар и 750 денари за други трошоци (ИКСА и административни). Просечните трошоци за секој студент посебно за еден семестар се како што следува:

  • За литература 6.579 ден.
  • За потрошни материјал: 2.476 ден.
  • За превоз: 6.541 ден.
  • За домување: 14.809 ден.
  • За храна: 15.589 ден.
  • За рекреација: 11.360 ден.

Просечни трошоци за секој студент посебно за еден семестар: 69.850 денари (1.131 евра)
Просечни трошоци за секој студент посебно за една академска година: 139.700 денари (2.262 евра)
До завршување на додипломските студии: 698.500 денари (11.309 евра)

Во рамки на истражувањето била спроведена и онлајн анкета со вкупно 185 лица за општата перцепција на граѓаните во однос на цените за студентите.

Одговорите покажуваат дека 85,4 отсто од испитаниците сметаат оти цените на основните прехранбени продукти се скапи, а 80 отсто рекле дека цените не се прифатливи за студентите.

Уште повеќе, 81,1 отсто рекле дека помошта на државните институции за студентите не е доволна.

Големо мнозинство од испитаниците (83,8%) рекле дека сметаат оти студентите не можат да ги си дозволат месечните трошоци без да бидат вработени.

Незадоволство меѓу студентите има и во однос на помошта што ја добиваат од државните универзитети, како и од сумата од 140 денари што ја добиваат како субвенциониран студентски оброк.

За 57,3 отсто од испитаниците, цената од 3.410 денари за сместување во студентски дом не е прифатлива.

Над 66 отсто од испитаниците рекле дека, според нив, во следните 12 месеци економската состојба и животниот стандард на студентите ќе се влошат.

По ова истражување, Форумот за образовни промени препорачува да има бесплатно јавно образование за сите студенти, да се дигитализираат административните услуги, да се зголеми износот на државните стипендии и да се прошири листата на факултети со највисоки стипендии, да се прошири листата на категории студенти кои добиваат државни стипендии, како и да се прошири листата на категории студенти кои се ослободени од учество.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Конститутивната седница на Собранието ќе се закаже на 28 мај

Конститутивната седница на Собранието ќе се закаже на 28 мај

Дневниот ред на конститутивната седница, според Деловникот, ќе има три точки односно избор на Верификациона …