ГОЛЕМА ПОСЕТЕНОСТ НА ПЛАТФОРМАТА „ДОМАШНА УЧИЛНИЦА“

ГОЛЕМА ПОСЕТЕНОСТ НА ПЛАТФОРМАТА „ДОМАШНА УЧИЛНИЦА“

За неполни 4 денови откако Општина Битола ја воведе платформата „Домашна училница“, интересот за нејзино користење континуирано расте. Досега се објавени над 450 содржини од 18 училишта во Општина Битола, поединечно по одделенија и наставни предмети. Посетеноста на платформата денес напладне изнесуваше над 12900 посети. Ова покажува дека наставниците, професорите и учениците ја користат платформата со цел да се овозможи достапност на наставниот материјал, а понатаму да се создаде и можност за меѓусебно поврзување и комуницирање помеѓу наставниците и учениците.

За наставните содржини, наставниците изработуваат видео презентации, power point презентации или видео квизови, а во дел од нив, учениците се повикуваат своите одговори, прашања и мислења да им ги испраќаат на наставниците. Дел од наставниците веќе воспоставија и други електронски форми на поврзување со своите ученици, со што им се овозможува активност на учениците, но и надоместување на пропуштената настава во овој период, додека трае состојбата која е последица на корона вирусот. На овој начин, преку општинската веб страна и платформата „Домашна училница“, секој ученик може да има пристап до објавената наставна единица, а понатамошната соработка продолжува зависно од можностите и на наставниците и на учениците.

Платформата „Домашна училница“ е креирана на иницијатива на градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, во соработка со директорите на основните и средните училишта, кои се во надлежност на локалната самоуправа. Содржините се поставуваат од тим на вработени лица во Општина Битола, благодарение на соработката и активното учество на наставниците и професорите. И во овие услови на вонредна состојба, платформата континуирано се надградува и се прават напори, истата да е што подостапна и корисна за учениците.

Прочитајте повеќе

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе во македонското образование, има промена и …