Историската посета на Ципрас на Скопје, придружуван од голема бизнис делегација, отвора перспективи. Подзаспаните економски односи се пред пресвртница. Очекувањата се позитивни.
По релаксираните политички односи, на ред е релаксирање и на економските врски. Една по една, Договорот од Преспа ги отвора перспективите за двете земји. Фактот дека на Агендата веќе се случува и посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Скопје, придружуван од голема бизнис делегација, само потврдуваат дека работите се движат во позитивна насока. Очекувањата во двете земји се дека работите ќе се придвижат во вистинска насока, иако предизвиците допрва претстојат:
„Доаѓањето на грчки премиер со толку голема бизнис делегација никако не може да биде неповолно. Во принцип, не очекувам дека веднаш ќе се случи нешто драматично, но барем треба да има промена во делот на она што беше започнато во првите години од самостојноста, пред да побегнат грчките инвеститори во Бугарија. Очекувам сега тие полека да се вратат. Тоа што радува е големиот број на учесници од двете страни, значи има интерес од двете страни. Очекувањата се позитивни, но во моментов не можеме да зборуваме за конкретни детали. Да видиме што ќе покаже средбата, каква ќе биде делегацијата, каков ќе биде фокусот“, изјави за Дојче веле Антони Пешев од Стопанската комора на Македонија.
За тоа што ќе биде фокусот на посетата на Ципрас на Скопје, доволно покажува податокот дека тој е придружуван од околу 70 бизнисмени и неколку министри од негова влада, главно од економските ресори. И самиот Ципрас вели дека економијата е прашање за кое допрва треба засилено да се работи:
„Сите ваши граѓани ја знаат улогата што грчките компании веќе ја имаат во вашата земја. Мислам дека можеме да одиме уште понатаму и тоа ќе се истакне на бизнис форумот“, изјави грчкиот премиер во интервју за МИА.
Што значи тоа понатаму, стопанствениците немаат дилеми. Очекувањата се конечно да се зголеми трговската размена, но и да се релаксираат административните и инфраструктурни процедури:
„Во делот на инфраструктурата е важно да прекинат проблемите со транспортот со оглед на искуството од минатото и блокадите на границите, особено во делот на користењето на Солунското пристаниште. Барем тој дел од комуникацијата да се релаксира. Исто така и во делот на транзитот на стоки, очекувам дека ќе се олеснат и царинските поцедури. Се надевам дека ќе има олеснета процедура за проток на стоки, посебно за оние кои што транзитираат низ Грција кон Турција и Блискот исток. Да се олабават работите во тој дел, а кога ќе дојде и до зголемување на обемот на трговската размена ќе видиме. На овој план изминативе години мислам дека бевме малку далеку. Конкуренцијата не беше којзнае каква, односно немаше таков наплив како пред 20 години, кога почна првиот бум“, коментира Пешев.
Извор: DW
Целиот текст ТУКА