Гробот на Гоце Делчев како поле за конфликт меѓу народите и дестабилизација на Македонија

Гробот на Гоце Делчев како поле за конфликт меѓу народите и дестабилизација на Македонија

Гоце Делчев го разбирал светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Век и половина од неговото раѓање и 120 години од неговата смрт, оние што наводно го слават неговото постоење, го користат неговото вечно почивалиште како поле за конфликт меѓу народите и можна дестабилизација на Македонија.

Неколку дена пред да се одбележат 151 година од раѓањето на Делчев, социјалните мрежи се полни со националистички пораки, повикување на акција, одбрана на националните чувства и ноќни стражи.

Навивачката група „Комити“ на скопскиот фудбалски клуб „Вардар“, преку транспарент ги повика своите членови на „акција“ како што велат „за даскалот кој ја обедини целата нација“. Претходно, „Патриотскиот институт“ на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, најави „херојска стража“ на гробот на великанот во Скопје повикувајќи ги членовите во што е можно поголем број да дојдат пред црквата „Св. Спас“.

Од Бугарија, пак, про-руски екстремно десничарски почитичари најавија присуство на денот на одбележувањето на смртта на великанот. Одредени бугарски организации, исто така, најавија присуство на десетици граѓани на Бугарија во Скопје.

На чествувањето во сабота најавено е присуството на претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот Артан Груби, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска. Присуство најави и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Македонскиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, синоќа за Македонската телевизија кажа дека чествувањето на Гоце Делчев в сабота не смее да биде никакво политичко чествување.

Според него, најважно е да се направи добра организација и да има чествување како што му доликува на Делчев. Спасовски апелира на мирен собир на гробот на Делчев во црквата „Св. Спас“.

„Тој е великан на македонскиот народ. Затоа треба секој од нас да придонесе тоа чествување да биде национално, достоинствено без никаков проблем, без да создаваме заради политички интереси, политичка реторика и така натаму дополнителни тензии и конфликти“, потенцира Спасовски.

Тој оцени дека тоа што се случува е хибридна војна, за да се предизвикаат тензии, а дека тоа неодговара никому.

„Треба да бидеме сите одговорни како луѓе пред сè, како политичари да чествуваме достојно, а МВР презема и ќе ги презема сите мерки кој се потребни настанот да помине во најдобар можен ред да се сочува безбедноста, јавниот ред и мир што е врвен приоритет на нас како институции“, рече министерот.

Заменик-главниот секретар на бугарското МВР, Станимир Станев во гостување на бугарската телевизија БТВ, вчера кажа дека бугарското Министерство за внатрешни работи е подготвено да испрати свои полицајци во Скопје за обезбедување на чествувањето на Гоце Делчев в сабота, ако добие барање за тоа од македонското МВР.

Лани, 150 годишнината од раѓањето на Делчев беше заеднички одбележана од делегации на македонската и бугарската влада, предводени од македонската министерка за култура Бисера Костадинова Стојчевска и шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска. Присутен беше и македонскиот претседател Стево Пендаровски.

За време на церемонијата пред црквата „Свети Спас“ имаше хулигани членови на навивачката група „Комити“ од Скопје, главно тинејџери кои свиркаа и извикуваа „предавници“.

Ова не е првпат политичарите од двете земји да го чествуваат Гоце Делчев. И во 2017 година и во 2019 година поранешните премиери на Северна Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов положија цвеќе на гробот на Делчев во црквата Свети Спас.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Филипче

Филипче одговори што ќе му е политика (ВИДЕО)

Д-р Венко Филипче во кратко видео објавено на неговата Фејсбук страница вели дека секогаш ќе …