Груби: Владата го одобри договорот за автопатите на Коридорите 8 и 10Д

Груби: Владата го одобри договорот за автопатите на Коридорите 8 и 10Д

На предлог на Комитетот за преговори за изградба на Коридорите 8 и 10Д, со кој раководи вицепремиерот Артан Груби, македонската влада денеска го одобри договорот за изградба на Коридорите 8 и 10д, информираат од Кабинетот на Артан Груби.

Одобрувањето на договорот за изградба на автопатите на Коридорите 8 и 10Д доаѓа по четиринеделните преговори кои се воделе меѓу консултантот за финансиски трансакции на Владата, ИРД и меѓународниот конзорциум Бехтел-Енка.

„Денеска е голем ден во Управниот комитет и во Владата каде го разгледавме Извештајот на нашиот консултант за преговорите со конзорциумот Бехтел-Енка за изградба на Коридорот 8 и 10-Д како и одобрување на содржината и потпишување на договорот”, истакна Груби.

Воедно, Владата пред неколку недели го одобри заклучокот предложен од Комитетот за преговори дека се исполнети сите предуслови за почеток на преговорите и формирање на работни групи меѓу Бехтел-Енка и ИРД, преговори кои траеја 28 дена.

Инаку, изградбата на автопатите долж Коридорот 8 ги опфаќа проектите за изведба на трасата Тетово-Гостивар-Букојчани, како и делницата Требеништа-Струга-Ќафасан. Вкупната должина изнесува 68 километри, при што треба да се изгради автопат со шест коловозни ленти долж целата траса. На Коридорот 10Д, ќе се гради автопат од Прилеп до Битола со должина од 40 километри и шест коловозни ленти. Рокот за изведба е три години од почетокот на работите.

Од Кабинетот на вицепремиерот Груби велат дека реализацијата на оваа најголема капитална инвестиција во историјата на нашата земја ќе придонесе за економијата, модернизација на патната инфраструктура, што во иднина ќе овозможи дополнителен развој на услугите, подобри услови за развој на бизнисот, но и поквалитетен живот, врски со соседите и меѓународните коридори.

Владата веќе го потпиша Меморандумот за изградба на овие автопати со конзорциумот „Бехтел-Енка“ во март 2021 година, додека пратениците од Собранието на РСМ во јули 2021 година го донесоа Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на автопатите.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Таткото на Вања Ѓорчевска

Таткото на Вања Ѓорчевска оди во домашен притвор

Ми одзедоа сè. Не сум веќе ни родител ни татко, ехо од човек остана од …