Гутереш до Путин: Во име на човештвото, вратете ги вашите сили назад во Русија

Гутереш до Путин: Во име на човештвото, вратете ги вашите сили назад во Русија

Генералниот секретар на Обединетите Нации (ОН) Антонио Гутереш апелираше до рускиот претседател Владимир Путин да ги запре своите сили, додавајќи дека рускиот напад на Украина е најтажниот момент во неговиот петогодишен мандат.

„Претседателу Путин, запрете ги вашите сили од нападот на Украина. Дајте му шанса на мирот. Премногу луѓе веќе загинаа“, изјави тој отворајќи ја итната седница на Советот за безбедност на Обединетите Нации рано утрово.

„Во име на човештвото, вратете ги своите сили во Русија“, напиша на Твитер генералниот секретар на ОН, Гутереш.

Во тек е итна седница на Советот за безбедност на ОН. Амбасадорот на Украина во ОН Сергиј Кислица изјави дека рускиот претставник во ОН потврдил дека неговиот претседател Путин ѝ објавил војна на Украина.

Британскиот премиер Борис Џонсон утрово телефонски разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Џонсон на Твитер напиша дека Обединетото Кралство и неговите сојузници ќе одговорат одлучно на неиспровоцираниот напад на Украина од страна на Русија.

Германскиот канцелар Олаф Шолц го осуди нападот на Русија врз Украина, именувајќи го како страшен ден за Украина и мрачен ден за Европа.

Францускиот претседател Емануел Макрон силно го осуди рускиот напад врз Украина и побара од Русија веднаш да стави крај на воените операции. Макрон утрово разговараше со украинскиот претседател и свика седница на францускиот Совет за безбедност.

Генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Бурич денеска најостро го осуди рускиот напад врз Украина и побара Русија веднаш да ги прекине воените активности.

„Најостро го осудувам рускиот воен напад на Украина со којшто флагрантно се крши Статутот на Советот на Европа и Европската конвенција за човекови права“, изјави таа.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел преку соопштение истакна дека Русија ќе се соочи со невидена меѓународна изолација и ќе плати висока цена за неиспровоцираниот акт на агресија кон Украина. Борел вели дека ова е еден од најмрачните часови за Европа по Втората светска војна.

„Ова не е само најголемо прекршување на меѓународното право, ова е прекршување на основните принципи на човекова коегзистенција“, додава Борел, најавувајќи дека Европскиот Совет вечерва ќе одржи состанок по рускиот напад врз Украина.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Постизборни коалиции причина за кавга меѓу политичките партии

Постизборни коалиции причина за кавга меѓу политичките партии

Кој ќе формира нова Влада по парламентарните избори 8 мај, беше главното прашање по кое …