Со хеликоптери од АРСМ од утрово се гаси пожарот на најкритичната точка над Пасјак во село Нов Истевник во Делчевско. Воздушната поддршка во гаснењето на големиот пожар, кој е активен 48 часа на планината Средна.

„Активно во гаснењето на пожарот се вклучени 90 припадници на АРСМ, припадници на Граничната полиција, просторните сили на Општина Делчево заедно со екипи на ЈКП „Брегалница” ЈП Национални шуми, екипи на ТППЕ од Делчево и регионот“, информираа од Општината.

Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски изрази благодарност до сите поединци, институции и фирми кои се максимално ангажирани во борбата со огнената стихија.

Инаку, синоќа по 20 часот беше отворен за сообраќај граничниот премин „Богородица“, што беше затворен откако попладнето во негова близина избувна пожар, потврдија од МВР.

Пожарот што избувна во граничниот појас меѓу месноста Милци и граничниот премин Богородица е локализиран и ставен под контрола од пожарникарите од Гевгелија и вработени во ЈП „Комуналец“, кои со помош од воени хеликоптери успеаа да ги скротат пламените јазици и да ги спасат од поголема опасност објектите на потегот кон ГП „Богородица“.

Од напојување со труја беше исклучен објектот на ГП „Богородица“ и преминот времено беше затворен за сообраќај заради безбедност на патниците и за да се овозможи простор за дејство на пожарникарите, откако пожарот се доближи до објектот на граничната караула на АРМ, до казиното „Фламинго“ и до бензинската пумпа „Шимов“.

Извор:МЕТА