Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да ги признае резултатите од пописот ако тој се одржи според Предлог-Законот за попис кој денеска влезе во собраниска процедура. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски на прес конференција изјави дека партијата ќе започне со акција за собирање на потписи за донесување на нов предлог-закон, со кој ќе се поништи сегашниот.

Според Мицкоски, Извршниот комитет на партијата на вчерашната седница одлучил во случај да не се поништи овој закон, тие нема да ги признаат резултатите, а „и идните раководители на институции, што ќе бидат избрани по предлог на ВМРО-ДПМНЕ, резултатите нема да ги почитуваат“.

Претседателот на најголемата опозициска партија побара широка дебата за Законот за попис и консензус по ова прашање, додавајќи дека Србија и Романија веќе ги одложиле пописните операции поради ковид кризата.

На ваквиот став на ВМРО-ДПМНЕ реагираше СДСМ. Во партиското соопштение се вели дека СДСМ и парламентарното мнозинство нема да прифатат никакви уцени од страна на Мицкоски.

„Нема да го повлечеме Законот од собраниска процедура, ниту пак ќе поддржиме неразумни предлози за одлагање на пописот. Оваа земја цели 18 години нема спроведено попис и никој нема право да го кочи или одолговлекува“, се вели во соопштението на владејачката СДСМ.

Од СДСМ прашуваат, зошто на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ им пречи пописот, зарем не сакаат да се знае колку наши сограѓани живеат во земјава, а колку во странство.

Посочуваат дека Србија и Романија го одложија пописот, но само за неколку месеци и дека ќе го спроведат годинава, а дека ниту една од овие земји не биле доведени во ситуација да немаат 18 години попис.

„Пописот во 2021 ќе биде спроведен согласно прописите на Евростат, по сите меѓународни стандарди. Сега имаме Електронски регистар на население кој ќе биде поврзан со уредите за попис и податоците ќе бидат компарирани со податоците на други 10 институции. Значи не е можно да се попишат лица кои не постојат. Исто како што не е точно дека ќе се попишуваат граѓаните само со матичен број“, појаснуваат од СДСМ.

Додаваат дека, без разлика колку и да не им се допаѓа на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски, попис оваа година ќе има.

„Тоа е важно за државата, за економијата, за целокупното општество и за креирање издржани долгорочни политики и стратегии“, стои во соопштението на СДСМ.

Инаку, денеска започна собраниската расправа за Предлог Законот за попис, кој требада се спроведе во првите три недели од април годинава. Оваа значајна статистичка операција ќе се спроведува по 18 години пауза. Последниот попис беше во 2002 година.

Извор: МЕТА