Пишува: Зоран Милошески
„Патриотизмот е последното засолниште на никаквеците“
Семјуел Џонсон
Тешко и мачно станува живеењето во оваа и ваква Македонија. Држава во која вредносните критериуми се одвишна категорија. Во која знаењето, чесноста и доброто воспитување се мана, а незнаењето, арамилакот и простотилакот доблест. Земја на функционално неписмена нација, татковина на луѓето кои сакаат да бидат лажени и да веруваат само во онаа „вистина“ која им одговара. Независно, била таа „вистинската“ вистина или не.
Полека изминува и 17-тата година откако во декември 2005 година Македонија го доби кандидатскиот статус за членство во ЕУ. 17 години надеж дека европскиот сон не е неостварлив. А соништата, впрочем, им се остваруваат само на тие кои сонуваат.
Во континуитет од 11 години, ВМРО-ДПМНЕ ја имаше можноста да го придвижи и забрза пристапниот процес, да ги направи првите и најважни чекори кои ќе го трасираат патот до Брисел. Но наместо тоа, Груевски и неговата братија одбраа да не прават ништо! Поточно, одбраа да го нишаат возот за да мислат патниците дека се движи, да владеат на бранот на тешкиот популизам и класичниот режим.
Сесрдно помогнати од (со државни пари) корумпираните медиуми, го поделија и раскараа народот по секоја основа на која можеа да се сетат, а држејќи го отворено прашањето со Грција и девизата „името не го даваме“, создадоа плодна почва за цутење на евтиниот квазипатриотизам од највулгарен карактер.
Клучното парче во мозаикот беше проектот „Скопје 2014“, кој имаше двојна намена и двојна цел:
- Изградбата на споменикот „Воин на коњ“, подигнувањето споменици и за таткото и мајката на воинот на коњ, заедно со преименувањето на скопскиот аеродром и на дузина патишта и улици, значеше свесно и наменско подгревање на национализмот и држење на земјата на „безбедна“ дистанца од евроатлантските интеграции;
- Со потрошените 800 и/или нешто повеќе милиони евра, колку што чинеше овој ултра коруптивен проект, злосторничкото здружување се разобличи пред пошироката јавност и покажа дека лажниот патриотизам е последното профитабилно засолниште за никаквеците и мизантропите од нивен ков.
Хрониката на најавеното убиство на државата имаше многу фази, многу елементи кои ја покажаа сета монструозност на луѓето-нелуѓе, чиј главен идеолог и предводник беше Никола Груевски.
Преку „бомбите“ на Заев јавноста слушна како владата на ДПМНЕ избирала судии од „тефтерчето на Горде“, како се одмаздувала и апсела политички неистомисленици, како се рушел „Космос“, како нудела „ин витро“ за глас на избори, како се заканувала со хилти и ендеци, прикривала убиства, организирала изборни измами, уредувала и контролирала медиуми…
Така отприлика изгледаше 11-годишното систематско уништување на државата и изживување врз граѓаните: со едната рака го вееја знамето со сонцето од Вергина, со другата ни буричкаа во џебовите. Ја опустошија државата. Ги понижија граѓаните. Ги девалвираа сите вредности. Ја злоупотребија моќта. Збеснаа од крадење. Се претворија во монструми… се претворија, или пак тоа отсекогаш и биле?
Верувам дека еден ден, стручната фела од областа на психијатријата сериозно ќе се позанимава со практикувањето на власта од страна на Груевски и останатите лудаци, како што самиот го нарече тоа друштво Зоран Ставрески, кумот на главниот лудак, кој и самиот беше дел од таа дружина. Веројатно тогаш ќе го добиеме и одговорот на прашањето, колку многу треба да го мразиш сопствениот народ, да не ја сакаш сопствената држава за така бездушно и нечовечки да се однесуваш кон нив?
И така дојдовме до главната дилема која, за секој здраворазумен простосмртник со просечен интелектуален капацитет, воопшто и не смее да биде дилема: зарем после се’, после сите злосторства и арамилаци заради кои целото поранешно раководство им е по зандани и заради кои после конфискацијата на партискиот имот ќе останат на улица, зарем некој сеуште мисли дека Мицкоски, Антонио Милошоски, Александар Николоски, Илија Димовски и останатата извикана багра е таа која ќе не’ извади од калта, која ќе го одбрани нашиот идентитет, нашиот јазик и ќе не’ внесе во ЕУ?
Зарем толку многу бил во право Војводата од „Пиреј“ кога рекол дека немаме ништо освен болви и болвосерки, дека Македонија е само едно големо буниште? Зарем до толку…?