Одборот на директори на Твитер најпосле се согласи – Илон Маск е новиот сопственик на една од најпопуларните и активни социјални мрежи во светот, Твитер, што ја откупи со склопување на договор вреден 44 милијарди долари. Ваквиот потег може да значи големи промени во начинот на кој што функционира оваа мрежа и да има несогледливи последици поради чекори преземени под превезот на „слободата на говор“.
Основачот на Тесла во текот на изминатиов месец објави дека ќе стане дел од одборот на директори на социјалната мрежа, неколку дена потоа беше заклучено дека сепак нема да се приклучи, а по нешто помалку од две недели тој ја претстави понудата за купување на Твитер, која беше прифатена. Сопствениците на Твитер јавно посочија на обиди за непријателско преземање на компанијата од страна на Маск.
„Слободниот говор е темелот на функционална демократија, а Твитер е дигитален полштад каде се дебатира за прашања од витално значење за иднината на општеството. Сакам да го направам Твитер подобар од било кога со подобрување на функциите и внес на нови алатки, правејќи ги алгоритмите со отворен код за да се зголеми довербата, победувајќи ги спам ботовите и проверка на автентичноста на сите корисници“, пишува во твитот на Маск по веста за постигнувањето на договорот.
„Твитер има огромен потенцијал, а јас со нетрпение очекувам да работам со компанијата и заедницата на корисница за да го отклучиме истиот“, додава новиот сопственик на една од најмоќните социјални мрежи.
🚀💫♥️ Yesss!!! ♥️💫🚀 pic.twitter.com/0T9HzUHuh6
— Elon Musk (@elonmusk) April 25, 2022
Во однос на промените што ќе ги претрпи Твитер со новиот сопственик, како што во неколку наврати и самиот Маск има изјавено, покрај забранување и искоренување на лажни профили и намалување на ограниченоста на содржината на твитовите, тој предлага можност за пишување на подолги твитови и можност за нивно уредување откако ќе бидат објавени. Пред неколку недели, бордот на Твитер објави дека веќе одреден период се работи на ваквата опција, но Маск уверува дека истата ќе биде спроведена наскоро.
Освен тоа, групите за човекови права веќе изразија загриженост дека недостатокот на умереност може да доведе кон пораст на говорот на омраза, а други стравуваат и дека ќе им се озвоможи на суспендираните личности, како што е поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп повторно да се вратат на „дигиталниот плоштад“, јавува Би-би-си.
Трамп во изјава за Фокс Њуз рече дека кој и да е на врвот на раководството тој нема намера да се врати на Твитер, но дека верува дека Маск ќе направи позитивни промени за платформата.
Сѐ уште не се знае кој ќе биде во раководството на мрежата понатаму. Извршен директор во моментов е Пејџ Агравал, но веројатно тој нема да остане уште долго на својата функција по изјавата на Илон Маск дека нема доверба во сегашното менаџирање.
Според списанието Форбс, Илон Маск е најбогатиот човек на светот и тоа најмногу се должи на неговите акции во производителот на електрични возила „Тесла“ чиј основач и извршен директор е самиот тој. Маск исто така е диркетор на компанијата „SpaceX“.